Beno Ruso

Скопје 

Македонија

Интервјуто е спроведено од: Рејчел Чанин Асиел 

Датум на интервјуто: март 2005 година

Поимник

Бено Русо живее во голем стан, во населба во Скопје со многу зеленило. Станот го добил од Југословенската Народна Армија во 1970-тите. Откако децата пораснале, станот станал преголем за него и за неговата сопруга Роза и затоа решиле да го поделат на два дела. Сега, нивната ќерка живее веднаш до нив, со сопругот и децата. И покрај тоа што се поделени со посебни влезови, очигледно е дека Бено е многу близок со семејството што живее веднаш до него. Додека го правевме ова интервју, неговите внуки постојано влегуваа и излегуваа, барајќи млеко, ручек, или едноставно само внимание од дедо им. И кучето кое внуките го донесоа од улица, исто така наоѓаше засолниште и внимание во делот од станот каде што живее Бено. 

Дедо ми, по страната на татко ми, Бенјамин Русо потекнува од Крим, Русија. Отсекогаш сум се прашувал зошто презимето ни е Русо - ние не сме потомци (роднини) со Жан Жак Русо, тој е од Западот! Од каде потекнуваат тие (потомците)? Од Русија, Русо. Имаше неколкумина во Битола кои потекнуваа од Русија и така ги викаа на прекар. Не беа многумина, но така ги викаа. (Прекарите стануваа официјални презимиња.) Имаше неколку семејства во Битола со такво презиме, но не бевме роднински поврзани. 

Единствениот доказ за нашите корени беа приказните. Мојот постар брат ми ги раскажуваше тие приказни кога одев кај него во Израел. Тој ги беше слушнал од некои постари луѓе во Израел и ми ги раскажа и мене. Знаете, тогаш еден дел од Крим бил под турска власт. (Русија го презела Крим кон крајот на 18 век.) Турците се единствениот народ кои им дозволувал на Евреите да живеат онаму што тие сакале. Така, Евреите се населувале онаму кај што ќе најделе работа и останувале таму каде што имале добри услови за живот. Ако нешто не било во ред, или ако пронајделе подобри услови за живот на друго место, Евреите се преселувале. [Во Русија слободата на движење била ограничена, а на Евреите им било дозволено да живеат исклучиво во таканаречената Зона на населување.]¹ Заради тоа, тие доста патувале наоколу и дошле во Крим, а потоа и во Југославија, по создавањето на Кралството Југославија. (Во Македонија веројатно се населиле во периодот кога таа била под отоманска власт, пред Блаканските војни во 1912-1913.) Дедо ми и неговите двајца браќа ја минале границата во близината на Пирот (на 71 километар од Ниш), потоа дошле во Ниш (240 км од Белград). (Забелешка на уредникот: До 1878 кај Пирот не постоела граница помеѓу Србија и Бугарија). Најстариот брат, кој бил поснаодлив, се упатил кон Белград, а другите двајца заминале за Битола. Не се сеќавам на братот на дедо ми од Белград, но се сеќавам на Мордехај, братот со кој дедо ми дошол во Битола. 

Мордехај доаѓаше кај нас на гости и ние одевме кај нив дома. Имаше голем дуќан во Еврејското маало. Тој беше меанџија, така ги нарекуваа тогаш сопствениците на меани. Тогаш пиво не се произведуваше, пиво тогаш немаше, туку вино. Тој всушност продаваше вино. Не го правеше сам виното, туку само им го продаваше на неговите гости. Во неговата меана се служеше само ракија, вино и печена леблебија како мезелак. Гостинот ќе нарачаше чашка ракија и со тоа добиваше чинивче со печена леблебија, за да не го фати веднаш алкохолот. Мордехај имаше големо семејство и голема куќа. 

Дедо ми бил богат човек. Тргувал со кожа и јаглен. Иако бил неписмен, бил многу вешт трговец. Додека бил жив, имал голем имот, меѓу другото и земјоделски имот што го купил од некој Турчин. Се занимавал со трговија на јаглен на големо, кој го продавал и на мало. Во тоа време, јагленот бил нешто без кое не можело да се живее. Се готвело на јаглен. Се користеле мангали на јаглен. Јагленот се користел цело време, освен во зима, кога се користеле печки на дрва. Во текот на летото се готвело на јаглен.

Во дуќанот имаше еден долап кај што дедо ми чуваше стапчиња. За секој муштерија со кој тргуваше имаше по едно стапче. А на стапчето со нож режеше цртки, како евиденција на сметката. 

Тој зборуваше ладино, но и течно турски и српски јазик. 

Изградил куќа со голем двор, штали, крави и коњи. Целото семејство – татко ми, мајка ми и ние, децата – живеевме со дедо ми во куќата која ја изградил тој. Дедо ми беше многу вреден трговец. Беше добар домаќин. Меѓутоа, по смртта на дедо ми и по војните – Првата светска војна и Балканските војни [види Прва балканска војна; види Втора балканска војна] – сè се промени во нашето семејство.

Дедо ми не беше религиозен. Во тоа време луѓето не беа толку религиозни како денес. Тогаш тоа беше реткост. Дури и кај постарите луѓе. Дедо ми донирал пари за изградба на црква (синагога) во Битола. Изградбата на синагогите била финансирана од жителите што живееле во соседството. Во Битола секоја улица имаше свој храм. [Забелешка на уредникот: Пред Втората светска војна во Битола имало седум синагоги. Меѓу нив биле: Ел Кал де ла Авра Кадиша; Ел Кал де Хахам Јицак Леви (ова бил прекрасен храм, сместен веднаш до куќата на дарителот); Ел Кал де Шломо Леви (оваа синагога се наоѓала во куќата на дарителот и не ја преживеала војната); Ел Кал де Јахиел Леви (во просторија наменета за таа цел); Ел Кал де Озер Далим (во посебна зграда што ја донирала фамилијата Арути; оваа синагога се урнала во 1950 година); синагога за младите, сместена во училишна зграда, и синагога во маалото Лос Куртижос. Извори: Жени Лебл и Марк Коен]. Бидејќи бил влијателен и богат човек, дедо ми имал посебно место за седење веднаш до бимата (подиумот за читање на Тората). Се сеќавам дека кога одев таму, точно знаев каде седеше дедо ми. Тој беше меѓу луѓето што седеа веднаш до бимата.

Имаше бела брада, кој му досигаше дури до стомакот. Тој не носеше современа облека, туку долга наметка, со долги ракави, наречена „сажу“. Беше крупен човек. Имаше тркалезно лице, бела коса и долга брада. Изгледот му беше многу впечатлив. „Сажуто“ имаше големи џебови од двете страни, пресечени накосо и се протегаа од под пазувите до колковите. Изгледаа како торби. Кога ќе дојдеше на пладне или навечер, интересно беше да се види што сè ќе извадеше од џебовите. 

Секогаш се враќаше дома натоварен со најразлични работи. Една од работите што ги носеше во џебот беше месо од сè уште не родено јагне. Во тоа време, кога ќе заколеа овца во чиј стомак имало јагне, го вадеа малото јагне и го продаваа одделно. Тоа јагнешко многу го сакавме. Месото беше превкусно, вистински деликатес. Дедо ми многупати носеше неродено јагне во џебот. Ќе го извадеше од џебот и ќе го ставеше на масата. Тогаш немаше кеси, па го завиткуваа во хартија. Денес имаме пластични кеси, но тогаш немаше. Хартијата си е хартија, но пропушта течност. Баба ми имаше голема мака со него. Замислете само колку беше тешко да се одржува сето тоа чисто! Не ја познавав баба ми од страната на мајка ми. Не знам ни кога починала.

Јас и дедо ми спиевме во иста соба. Не се сеќавам дали и мојот помал брат, Алберт спиеше со нас во истата соба. Дедо ми грчеше додека спиеше, но еден ден неговото грчење престана. И следното утро беше мртов. Беше здрав како дрен, но изгледа дека почина од грижи. Имаше некој проблем со земјоделскиот имот, во кој беше вмешан и татко ми. 

Не се сеќавам на погребот на дедо ми. Се сеќавам само како умре. Децата не одеа на погреби. А, жените особено не одеа на погреби. Знам само дека беше погребан, а потоа татко ми беше погребан до него. Ги барав нивните гробови кога бев во Битола, ама не можев да ги најдам.   

На другите баба и дедо не се сеќавам. 

Татко ми, Исак Бенјамин Русо бил роден во Битола во 1887 година. Тој и припаѓаше на елитата на битолски Евреи заради високото ниво на неговата интелигенција, односно фактот дека бил писмен. Тогаш ретко кој беше писмен. Татко ми умре млад од некоја заразна болест. 

Според една фотографија од татко ми во униформа, може да се претпостави дека служел во српската војска. За време на една од Балканските војни, татко ми бил во логор. Имав една фотографија од него во униформа, со мустаќи, но не ја зачував. Дури и денес ми се чини како да ја гледам таа фотографија пред очи и навистина ми е жал што веќе ја немам. Се сеќавам на таа фотографијата, беше закачена дома кај нас. Мајка ми раскажуваше како татко ми бил заробен и како едвај успеала да го пронајде во некој подрум во Битола. Одела да му носи јадење. Потоа го преместиле на друго место. Едвај успеала повторно да го најде, а потоа и таму му носела јадење. Татко ми бил прогонуван од Бугарите… од бугарските окупатори.

Татко ми беше убав човек, со мустаќи, на средна висина. Мислам дека јас личам на него. Тој се облекуваше модерно и пушеше. И беше многу строг. Но, не се сеќавам дека некогаш ме удрил. Никогаш немаше никого удрено. Доволно беше само да му го слушнеме гласот и зборот. Тоа беше доволно. Дома сите не држеше во ред и дисциплина. 

Татко ми не беше премногу религиозен човек. Беше писмен, знаеше да чита. Ги знаеше сите молитви за Песах. Дури и соседите се собираа кај нас за празници. За Песах, татко ми ги читаше молитвите и правеше сè што требаше да се направи во домот. Некои од роднините доаѓаа кај нас дома за празникот. Татко ми беше писмен, многу умешен и знаеше како треба сè да се одвива. Ги знаеше сите тие обичаи. Но, тоа беа само обичаи, а не строго придржување кон религиозните правила.

Денес на пример, има луѓе кои на Шабат ништо не работат. Во Битола се знаеше дека за Шабат се повикуваа Ромки да го запалат огнот во домот, зошто според правилото не треба ништо да се работи на тој ден. Не смееше дури ни оган да се запали. Буквално ништо. Но, во нашето семејство не беше така. 

Татко ми имаше изнајмено под кирија еден дуќан, каде што се служеше кафе и локум, но не и алкохолни пијалаци. Тоа беше позната кафеана во Битола, близу до реката Драгор, на патот кон гимназијата и не беше во еврејското маало. Реката Драгор тече низ Битола и го дели градот на два дела. Драгор се влева во Црна Река. Масите беа поставени на брегот на реката. На истата улица имаше пет-шест кафеани и секоја од нив имаше свои редовни гости. Мажите кои вареа и служеа кафе беа Турци. Имаше двајца браќа кои живееја блиску до нас. Честопати одев кај нив дома и се качував на дудинката во нивниот двор. Бевме добри другари.  

Се сеќавам дека на имотот на дедо ми избувна пожар и заради тоа го уапсија татко ми. Имотото бил осигуран и постоело сомнение дека пожарот бил намерно подметнат. Ова дедо ми многу го погоди. Кога дедо ми почина, татко ми се уште беше во притвор. Го пуштија привремено колку да биде дома за погребот. Но, по извесно време целосно го ослободија и не го осудија. Се докажало дека некој Турчин го подметнал пожарот и потоа бил и осуден. Во тоа време, Турците воглавно работеа во кафеаните, беа кочијаши и работеа во штали со добиток. Не знам што се случило потоа со осигурувањето, но како и да е, после оваа случка работите тргнаа на лошо. 

Бевме другари со Турчинот што го подметнал пожарот на имотот на дедо ми. Тој мораше да оди во затвор и ја отслужи затворска казна во целост. Не знам дали навистина беше виновен. Не знам ни дали ја презема вината на некој друг и наместо него отиде во затвор. Честопати доаѓаше кај нас дома; нашите семејства беа пријатели.

Подоцна го заменивме овој имот со една огромна ливада во близина на спортскиот аеродром во Битола. Во тоа време во Битола имаше спортски аеродром на кој слетуваа мали авиони. Не беше вистински аеродром, туку голема ливада. На ливадата имавме чувар. Секоја година татко ми ангажираше десет до петнаесет наемни работници да ја косат тревата и да го носат сеното во нашиот магацин, сместен во една поранешна џамија во Битола. Потоа сеното го продававме на големо и на мало.

Турчинот што ја чуваше ливадата ни беше пријател. Ми се чини дека тој беше таткото на човекот на кој му се судеше за подметнувањето на пожарот. Стануваше збор за едно исто семејство.

По смртта на дедо ми, татко ми го презеде неговиот бизнис. Ситуацијата беше тешка. Ми се чини дека татко ми не беше толку вешт во водењето на работата, иако беше писмен. А потоа и се разболе. Откако се разболе, почнааа да се натрупуваат долгови и хипотеки. Ни ја одземаа куќата и моравме да одиме да живееме под кирија. Ни одзедоа речиси сè. Семејството финансиски пропадна. Заради тоа само брат ми, Дарио, кој беше постар од мене, замина во воено училиште, а јас не можев да продолжам да се школувам и морав да учам занает. Очигледно татко ми не беше вешт во водењето на работите, штом дозволи банката и долговите да не доведат до просјачки стап. Му одзедоа сè, вклучувајќи ја и нашата убава, голема куќа. Тоа се случи некаде во 1935 година. Татко ми беше во болница, а потоа го префрлија дома, каде што и почина.

Бев присутен кога тоа се случи. Се сеќавам на тоа. Во текот на ноќта, семејството бдееше покрај него. Бидејќи постариот брат не беше дома, јас бев тој што, заедно со мајка ми, остана покрај одарот на татко ми пред погребот. За таа намена имаше посебно место во близина на главната синагога, во еврејското маало. Зад синагогата имаше посебен простор каде што се полагаа починатите. Се наоѓаше речиси во средината на маалото, близу до мостот. Татко ми почина дома, а потоа го однесоа на тоа посебно место. Присуствував на неговиот погреб.  Постариот брат учеше во подофицерско училиште во Кралството Југославија [најверојатно во Србија], но сепак дојде на погребот, а набргу потоа повторно си замина. Според еврејскиот обичај, еден месец по смртта на член на семејството, секое утро треба да се оди на молитва. Како глава на семејството, јас бев тој што одев на молитва. 

Ова ми претставуваше потешкотија. Најпрво морав да научам да читам хебрејски. Не го разбирав она што го читав, но морав да го читам. Едноставно морав да научам да го читам текстот. Секое утро морав да одам на молитва. Доаѓаше еден хакам, лице задолжено за верските обреди во синагогата, и ме земаше со себе. Службата траеше еден или два часа, а потоа си одев дома. Тој доаѓаше да ме земе, за да не се случи да не дојдам на молитва. Хакамот ни беше првиот сосед кога живеевме во куќата на дедо ми. Во тоа време соседите значеа повеќе и од роднините и уживаа голема почит. Секое утро доаѓаше по мене, а кога ќе завршеше молитвата, тој имаше уште некои обврски и остануваше таму, а јас си одев дома сам. Така беше цел месец. Не ми беше лесно да го правам тоа. Мајка ми не беше строга во однос на верските обичаи. Но, сестрата на татко ми, Мато, беше. Таа беше многу конзервативна во однос на религијата. Неа не можев да ја избегнам. Морав да одам. Тетка ми  договори да ме земаат секое утро за на молитва.

Најтешкото нешто по смртта на татко ми беше тоа што останавме без ништо. Кога почина татко ми веќе бевме иселени од нашиот дом. Неколку пати се селевме од една куќа во друга. На крајот живеевме во куќа во близина на тетка ми Мато. Таа имаше своја куќа, а ние живеевме во соседната. Татко ми почина во таа куќа. Можете да замислите како е кога мора да го напуштите својот дом и да одите да живеете во туѓи куќи. Наскоро мајка ми немаше повеќе средства да нè издржува. Брат ми Дарио беше прв водник. Мислам дека во тоа време служеше во Краљево [на околу 120 километри јужно од Белград] и секој месец ни испраќаше дел од својата плата. Ни испраќаше околу 200 динари месечно. Живеевме од тие пари. Кириите беа ниски. Платата на еден службеник во тоа време изнесуваше 300 динари. Со 200 динари можевме пристојно да живееме. Не ни беше лесно, но можеше да се издржи. Набргу по смртта на татко ми, си заминав од Битола.

Татко ми имаше три сестри. Едната беше Матилда Мато Леви, мажена за бакалот Бенцион Леви. Имаа шест или седум деца и имаа доволно за пристоен живот. Тетка ми Мато беше убиена во Треблинка, заедно со сите нејзини деца. Една од сестрите на татко ми замина за Америка. Третата сестра почина при породување. Нејзината ќерка, Симха, преживеа и живееше со нас.

Мато беше многу енергична жена, многу строга, писмена и образована. Таа беше главата во куќата. Живеевме веднаш до неа. Се обидуваше да ме укори кога не правев нешто како што треба. Не се согласуваше со мојата одлука да заминам на хахшара. Сакаше да се оженам. А бидејќи татко ми беше починат, чувствуваше обврска да ни помага. Кога некому му помагате, тогаш, кога ќе има потреба, можете да му поставувате и барања. Јас ѝ кажав дека во тој момент немам намера да се женам. Можеби веќе имаше некоја на ум за мене, не знам. Но, јас воопшто не сакав да разговарам за тоа. И таа не инсистираше повеќе. Потоа заминав на хахшара, па во војска, а потоа започна војната. По капитулацијата на Југославија⁵ се вратив во Битола, бидејќи не знаев што да правам. Тетка ми повторно почна да ме убедува дека треба да се оженам. Повторно ѝ кажав дека немам намера да се женам. Веќе активно учествував во движењето на отпорот и ѝ реков дека не сакам ни да помислам на женачка. На крај, таа се помири. Не стануваше збор само за тоа дека беше строга — таа чувствуваше обврска кон нас. Тоа се подразбираше, семејна обврска. Брат ѝ почина и таа сакаше да ни помогне. 

Мајка ми, Вида, беше домаќинка жена. Беше кротка и неписмена, но добра мајка и многу вредна. Извесно време по смртта на татко ми, заработуваше шиејќи крзнени постави. Некој ќе ѝ го донесеше дома материјал, а таа потоа шиеше постави. Мајка ми ме научи да шијам, па така и јас го правев тоа. Платата беше мизерна, можеби 25 пари [100 пари чинат еден динар] за едно парче. Дури и за работа по цел ден, не можеше да заработи повеќе од 10 динари. Мајка ми не беше религиозна и не ја покриваше косата. Денес има многу поизразена верска конзервативнот отколку во тоа време. Во средината во која јас пораснав немаше нагласена религиозност. Дедо ми одеше во синагога во петок навечер и за некои празници. Мислам на онаа религиозност што е карактеристична за луѓето кои носат прамени коса покрај ушите; на тоа дека едно смееш да јадеш, друго не; дека мора да јадеш кошер-храна; дека не смееш да мешаш месо со сирење. Не знам што друго сè постои во современиот свет. Во тоа време овие работи ни беа непознати. Во нашиот дом бевме либерални, вклучувајќи ме мене и моите браќа. Мајка ми беше малку порелигиозна поради тетка ми Мато, која, пак, беше премногу религиозна под влијание на сопругот. И тој беше таков. Почитувавме неколку обичаи и тоа беше сè.

Мајка ми имаше добар однос со Мато и ја прифати нејзината помош. Не се противеше. Не инсистираше да ја послушам Мато за да се оженам, но не беше ни против таа идеја. Во периодот кога повторно се отвори темата за мојата женидба, јас веќе почнав да се гледам со Роза [Камхи], која подоцна ми стана сопруга. Двајцата бевме вклучени во движењето. Еден ден, кога Мато повторно инсистираше да се оженам, и тоа со некоја богата девојка покрај која би стекнал имот, меѓу другото и средства да отворам сопствена занаетчиска работилница, мајка ми ѝ рече: „Слушај, Мато, сето ова е залудно. Роза постојано се врти околу него, а и тој околу неа. Значи, нема ништо од тој брак што си го замислила. “На почетокот мајка ми не знаеше дека мене и Роза нè поврзуваше партијата, но подоцна разбра сè.

Братот на мајка ми, Бухор Леви, доби сертификат и замина за Израел. Сертификатот важеше за целото семејство: еден човек добиваше сертификат, но со него заминуваа десет или единаесет членови на семејството. Тој имаше големо семејство и со сертификатот можеше да поведе повеќе членови од семејството, но двајца мораа да останат - еден маж и една жена. [Забелешка на уредникот: Не беше можно да се потврди веродостојноста на ова тврдење.] Мажот и жената што останаа потоа дојдоа да живеат кај нас, во нашата куќа во Битола. Мажот се викаше Моис Леви. Мајка ми ги прими кај нас. Кога нејзиниот брат замина за Израел, со себе ја поведе и Симха, мојата братучетка, која живееше со нас по смртта на мајка ѝ. Таа живееше во Израел сè до нејзината смрт. Бевме во контакт со неа. Таму се омажи и има син во Израел.

Мојот постар брат Дарио го добил името по братот на татко ми, Давид, кој починал млад. Неговата смрт била голема трагедија за семејството. Јас го добив името по дедо ми Бенјамин. Мојот помлад брат се вика Алберт. Имав и сестра која почина. Мислам дека се викаше Реина. Никогаш нема да го заборавам моментот кога таа почина. Чудно е како таквите слики остануваат врежани во сеќавањето. Долго време беше болна и потоа почина дома.

Нашата куќа, куќата на дедо ми во која пораснав, се наоѓаше во маалото Табана. Втората куќа ни беше во маалото Ла Калеже. Беше  изградена во 1922–1923 година. Во дворот имавме чешма. Во тоа време во куќата веќе имавме водоводна инсталација. Имаше чешма, подрум и модерна штала. Во тоа време клозетите не беа внатре во куќите. Клозетот се наоѓаше покрај десната врата, онаа низ која се влегуваше во просторијата каде што ја чувавме двоколката. Тоа беше кола со две тркала, влечена од коњ, во која можеа да седат двајца. Ја користевме кога одевме во селото, на нашиот земјоделски имот. Додека живеевме во таа куќа, имавме коњ, но кога сè се распадна, го изгубивме и него.

Куќата беше приземна, издигната еден метар над земјата, а еден метар од неа беше под нивото на земјата. Под куќата имавме подрумски простории. На тој метар над земјата имаше скали по кои се влегуваше внатре. Имаше влез и широк ходник што се протегаше од едниот до другиот крај на куќата. По должината на ходникот, од лево кон десно, беа подредени четирите соби. Кога ќе влезеш во куќата, прво беше собата на моите родители, потоа собата на дедо ми, собата на моите браќа и, на крајот, собата што ја издававме под кирија.

Кујната, шталите и клозетот се наоѓаа во дворот. Во средината на дворот имаше чешма. Од чешмата се протегаше канал по кој водата течеше сè до главната врата, каде што се наоѓаше клозетот. Водата постојано течеше и го чистеше тоалетот. За тоа време ова беше модерна куќа. Во куќата имаше инсталација за електрична енергија. Во секоја соба имаше инсталација за струја. Во куќите во кои живеевме подоцна под кирија немаше струја.

Кујната беше старовремска. Кујните во тоа време беа поинакви. Не беа како денешните кујни. Главната кујна се наоѓаше надвор, во дворот, и таму се подготвуваше сè што беше потребно за целата недела. Таму се печеше леб и други печива, како и разни колачи за петок навечер, за сабота и за останатите денови од неделата. Во нашата кујна имаше две печки. До нив имаше маса на која се подготвуваше сè што требаше да се направи. На масата се подготвуваше храната за целата недела, а потоа се печеше во печките. Кафето и другите работи се подготвуваа внатре во куќата, на мангал што работеше на јаглен. Мангалите ги изработуваа со разни украси. Јагленот се палеше надвор, а кога ќе се вжареше, го внесуваа во куќата. Внатре се вареше кафе, се подготвуваше ручек и се правеше сè друго што беше потребно. За секојдневна употреба имавме мангал на кој ги подготвувавме јадењата. Подоцна се појавија шпорети на дрва, јаглен и електрична енергија.

Спиевме на кревети. Секој од нас имаше свој кревет, а во секоја соба имаше по еден или два плакари. Во средината на собата имаше мала маса со две столчиња. Тоа беше целиот мебел. Плакарите не беа вградени во ѕидовите. Во куќата немавме слики, ниту украси по ѕидовите. Мајка ми и татко ми имаа своја соба, а децата своја. Јас спиев во третата соба, заедно со дедо ми. Колку што се сеќавам, една соба издававме под кирија.

Дарио беше уште мал во времето кога семејството сè уште добро живееше. Учеше во француското училиште. Тоа училиште се плаќаше, па затоа го посетуваа само оние што имаа пари. Дарио беше член на културното друштво „Атехија “[Забелешка на уредникот: Атехија беше еврејски клуб во кој се организираа најразлични активности, меѓу кои спортски активности, хор, литература и др.]. Во друштвото имаа мал оркестар во кој свиреше и брат ми. Свиреше на фигорна, кој беше важен инструмент во оркестарот и наликуваше на туба. Не знам дали одеше на часови по музика. Во Битола имаше голем воен гарнизон, а во него служеа и неколку музичари. Еден од подофицерите, кој беше музичар, им држеше часови по музика на членовите на гарнизонот. Се сеќавам дека тој доаѓаше и кај нас дома. Не беше Евреин и му плаќаа за тоа. Брат ми учеше да свири, но не знам дали посетуваше некое посебно музичко училиште.

Семејството веќе беше западнато во финансиска криза кога Алберт беше дете. Тој заврши само прво и второ одделение, а потоа почна да учи занает. Алберт беше чирак кај истиот мајстор кај што учев и јас. Во тоа време можеше да си играш со некој што е една или две години постар или помлад од тебе, но разликата од четири години беше преголема. Тоа веќе беше сосема друга генерација. Кога бев мал, помладиот брат беше премногу мал, а постариот премногу голем за да си играме заедно.

Основното училиште имаше четири одделенија. Го завршив основното образование во српско училиште, во еврејскиот дел од градот.  Првите три години учев во тоа училиште, а потоа нè префрлија во друго училиште во турското маало. Она што денес се учи во училиштата ни оддалеку не наликува на она што го учевме ние тогаш. Во основното училиште научив само да читам и да пишувам — да ги читам буквите, една по една и да пишувам со букви како хиероглифи. По завршувањето на основното училиште ќе научиш само да читаш и да пишуваш, и ништо повеќе. Во основното училиште немавме веронаука. Таму само учевме да ги читаме и пишуваме буквите, да броиме до десет и таблица за множење и делењето. Потоа се запишав во први клас гимназија, која имаше осум класа. Во гимназијата веронаука ни предаваше рабинот Романо⁶, но не се сеќавам што точно учевме на тие часови. Завршив и стручно училиште. Занаетот го учев кај еден човек по име Марко Лисиќ, кој во Битола имаше работилница за пушки и машински уреди. Тој беше офицер на кого му бил одземен чинот. Имаше свoja работилница во која го практикуваше својот занает. Беше од Хрватска, а претходно служел како капетан, но бил осуден и му го одзеле чинот. Пријатели од војската му помогнале да отвори работилница во Битола. Не знам зошто му бил одземен чинот. Кај него учевме занает јас и брат ми Берто Русо. Работев кај него пет години. На почетокот бев ученик, а потоа чирак. Кога станав чирак, половината од заработувачката ја задржував за себе, а другата половина му ја давав на мајсторот. Така бевме договорени. Најчесто поправавме ловечки пушки и најразлични машини — машини за шиење, машини за пишување и други уреди. По војната повторно го продолжив образованието.

Кога бев мал, ми се чинеше дека никогаш немам доволно време да се изнаиграм - мајка ми маки мачеше да нè прибере дома од играње. Особено затоа што имавме голем двор, а и околината не беше густо населена со куќи. Соседите веднаш до нас имаа уредена градина оградена со ѕид. Се сеќавам добро дека, како и сите деца, се качувавме на ѕидот од оградата и трчавме по него. Понекогаш паѓавме, но тоа беше дел од играта. Сопственикот ни викаше и фрлаше со разни работи по нас. А ние трчавме низ градината и ги газевме растенијата што ги одгледуваше. На игрите им немаше крај. 

Како што растевме, почнавме да играме сè подалеку од дома. Куќата ни беше на периферијата на градот. Не многу далеку од нас беа турските и еврејските гробишта, во близина на маалото Бајир, а во близина имаше и шума. Шетавме низ тие места. Се разбира, одевме и до гробиштата. Не, всушност, не влегувавме на гробиштата, имавме почит кон починатите. Но, по патот до гробиштата правевме секакви работи. Имав тринаесет или четиринаесет години кога, како машино-бравар се стекнав со пиштол-играчка. Некој ме виде со него и сакаше да го купи. Му реков дека не го продавам. Тој имаше фотоапарат, па му реков: „Ти ќе ми го дадеш фотоапаратот, а јас тебе пиштолот. “Тоа ми беше многу примамливо и се заменивме. Потоа со другарите отидовме да се фотографираме. Целата филмска лента ја потрошив фотографирајќи некаде зад еврејските гробишта. Се преправавме дека сме планинари, а јас фотографирав. Долго време ги чував тие фотографии и жал ми е што не ги зачував. Сакам да кажам дека во тоа време нè интересираше сè и сешто, имавме голема желба да истражуваме. Не се сеќавам дека некогаш ми било здодевно како дете.

Веднаш до нашиот двор имаше огромна, стара и напуштена џамија без минаре. Како деца си игравме во таа џамија. Што сè не правевме таму! Правевме и многу опасни работи. На пример, се качувавме по скала до урнатото минаре. Околу куполата имаше простор покриен со лим за да не прокиснува. Но, имаше и тесен премин низ кој можеше да се помине. Ние, децата, трчавме по тој премин на височина од 50 или 60 метри. И денес се чудам како никој од нас не падна одозгора. Кога родителите не видоа што правиме, ни забранија да одиме таму.

Формиравме младински фудбалски клуб. После тоа ни требаше топка, но да се купи нова топка беше многу скапа работа. Затоа од еден човек купивме кожа, а од друг материјал за внатрешниот дел на топката. Но тешко беше да најдеме доволна количината на материјалот потребна за надворешниот и за внатрешниот дел. На крајот успеавме да собереме материјал за да направиме топка со оваа големина. [Бено со рацете покажува топка малку поголема од грејпфрут.] Оној што сакаше прв да ја шутне топката мораше да плати два динари. И навистина, ќе се најдеше некој што ќе платеше за таа привилегија. Потоа се поставуваше прашањето од каде ќе ја шутне топката? Од каде на друго место, ако не од врвот на џамијата! Такви лудории правевме. 

Ми се чини дека во тоа време не беше проблем да се најде начин за забава. Денес на луѓето им е тешко да најдат начин како да се забавуваат. Како деца одевме на излети на Пелистер [20 километри западно од Битола]. Обично тргнувавме во сабота, се враќавме во недела и преноќувавме во дворот на некоја црква. Сами ги организиравме овие излети надвор од градот. Тоа беше нешто сосема нормално. Се сеќавам дека еднаш со другарите отидов во Нижеполе, село во непосредна близина на Битола [10 километри западно од Битола]. Од Нижеполе една група сакаше да продолжи до една река јужно од селото. Им се придружив, а и еден другар од нашето друштво рече дека сака да дојде со мене. Стигнавме до големата река, а оттаму продолживме кон другата река, сè до нејзиниот извор. Кога видов дека група тргнува натаму, им се приклучив. Бев дете, можеби имав најмногу дванаесет или тринаесет години. Го прашав другарот што дојде со мене: „Сакаш да одиме до големата река? “„Не. “„Добро, тогаш ти врати се. Јас одам натаму. Ќе се видиме во Битола. “Сето тоа беше сосема нормално. Мајка ми и татко ми не водеа претерана грижа за мене. Не дека не се грижеа, но ми се чини дека денес претеруваме во водењето грижа за децата. Не знам на што се должи тоа, можеби од чувството на несигурност.

Во Битола имаше две еврејски младински организации, Тхелет Лаван⁷ и Хашомер Хацаир⁸. Тхелет Лаван требаше да биде организација наменета за работничката класа. Во Хашомер Хацаир имаше младинци, особено гимназијалци, меѓу кои и богримите, односно оние што ја водеа организацијата. Еден од раководителите беше братот на Роза [братот на Роза Камхи, Пепо Камхи, бил раководител на локалниот огранок на Хашомер Хацаир пред Втората светска војна].

Хашомер Хацаир беше организација што ги подготвуваше младите да станат пионери во Израел [Палестина] и да се борат за создавање на државата Израел. Пепо беше рош кен, односно раководител на локалниот огранок, сè до војната. Всушност, рош кен беше Ликац, кој како инструктор беше испратен од федерацијата. Пред Ликац дојде Дафта Давидовиќ. Пепо беше рош кен, а другите имаа улога на инструктори. Не знам точно како течеа активностите таму, бидејќи во 1937 година ја напуштив Битола и затоа не можам со сигурност да кажам.

Постариот брат Дарио нè вклучи мене и помалиот брат во организацијата. Сите бевме членови на Хашомер Хацаир. Имав среќа дека уште како дете, веднаш по завршувањето на основното училиште, се вклучив во ова движење, во еврејското младинско движење. Во Хашомер Хацаир научив да ги сакам книгите, а активностите во организацијата многу ме интересираа. Оттогаш книгите станаа постојан дел од мојот живот. Иако учев занает, читав белетристика и најразлични други книги. Едноставно, уживав во читањето. Тоа беше многу развиено младинско движење. Беше организација слична на СКОЈ [види СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија)]⁹, како и на извидничката организација. Зградата на Хашомер Хацаир беше центарот на активностите на еврејската заедница. Внатре имаше училници, а подрумите беа преуредени во работилници. Таму се изучуваа занаети како книговезење и столарство. Не знам што сè не се изучуваше! Ова беа само некои од работилниците. Секој го правеше она што го сакаше. Училиштето имаше голем двор. Формиравме фудбалски тим. Немаше име, но имавме дресови и копачки. Речиси секоја недела одевме на излет. Немавме посебни униформи како извидниците, но ги правевме истите работи како нив. Учевме како да поставуваме шатори, да палиме оган и слично. Во тоа време сето тоа беше многу интересно. Оваа училишна зграда сè уште постои. Денес сакаме таа зграда да биде зачувана како споменик, како музеј посветен на генерациите Евреи што поминале низ тоа училиште. Таму се одвиваше еврејскиот живот.

Арагон беше главната синагога во Битола. Другите синагоги беа простории во куќи, преуредени за таа намена. Знам за две или три што беа преуредени подруми, или куќи и се користеа како синагоги. Арагон беше изградена токму за да служи како синагога. Еден месец по смртта на татко ми одев во синагога. Одев во синагогата во близина на еврејската општина. Тоа беше подрумска просторија преуредена во храм. Секое утро морав да одам на тикан. Аврам Хасон, неписмен еврејски верски службеник и наш пријател, доаѓаше да ме земе секое утро. Ги читаше [ги рецитираше] сите молитви, но не знаеше да чита. Во Битола имавме книги печатени на хебрејски јазик. Имаше луѓе што беа писмени и знаеја да читаат, но имаше и такви како Аврам, кои ги кажуваа молитвите напамет, а беа неписмени. Тој знаеше што пишува на секоја страница, но не знаеше да го прочита текстот. Јас знаев да читам на хебрејски. Го научив хебрејскиот на часовите по веронаука во училиштето. Молитвата што требаше да ја читам во текот на тој еден месец ја читав од книгата. Тогаш сфатив дека тој не знае да чита. Сè правеше напамет. Такви беа еврејските верски службеници во Битола во тоа време. Потоа дојде еден современ рабин — таткото на Морис Романо, рабинот Аврам Романо. Пред него беше рабинот Џаен¹⁰ и други верски службеници, но јас не ги познавав.

Го познавав рабинот Романо, бидејќи ми предаваше веронаука во училиштето. Хахам Романо беше обичен човек со мала брада. Не носеше наметка ниту фес. Аврам [хахамот споменат погоре] и другите хазани, кои беа полуписмени, носеа фесови. Кога излегуваа да купат нешто, излегуваа облечени во тие наметки — долги црни наметки, со црни фесови на главите. Тој не ја носеше молитвената наметка — талитот; неа ја носеше само во синагогата. Се разбира, јас направив брит мила, но не и бар мицва. Јас и моите браќа знаевме да читаме не само на ладино, туку и на хебрејски, иако не го разбиравме јазикот. Тоа го научивме на часовите по веронаука во училиштето. Еврејската општина се нарекуваше „Комунита “. Тоа беше организација. Имаше канцеларија и таму се издаваа и чуваа документи. Работеа тројца службеници таму. Никогаш немав можност да видам што точно работеа; знам само дека таа канцеларија постоеше.

Во тоа време во Битола имаше една продавница во која се продаваа слатки. Се викаше Симјановиќ и беше многу популарна. Добивавме по еден или два динари неделно, па одевме таму со половина динар и купувавме бонбони. Тоа беше многу модерна работа за тоа време. Се сеќавам како дете, во Битола не беше реткост да се видиш автомобил. Во тоа време имаше дури и такси-возила. Пругата со широк колосек престана да функционира, а пругата со тесен колосек беше поставена за возен сообраќај од Градско [80 километри северно од Битола] до Битола, преку Плетвар [50 километри северно од Битола]. Одеше нагоре, а потоа се спушташе надолу. Патувањето не беше многу погодно. Затоа беше воведена такси-служба. Луѓето патуваа со автомобили, односно со такси од Битола до Градска и до Скопје. Првиот братучед на мојата сопруга Роза имаше фирма што се занимаваше со автомобили и поседуваше сопствен автомобил. Во тоа време во Битола имаше околу десетина луѓе што имаа автомобили.

Не си заминав од Битола сè додека не наполнив 17 години. Кога заминав, никогаш повеќе не се вратив. Живеев на разни места, по малку насекаде. Најпрво го напуштив училиштето и почнав да учам занает. Во времето кога изучував занает, владееше криза. Времињата кога имав 16 и 17 години беа тешки. Го изучив машинскиот занает, но не гледав иднина во тоа. Мојот постар брат Дарио се запиша во воено училиште. Сакав и јас да тргнам по неговите стапки. Најпрво поднесов пријава за подофицерско училиште за хидроавијација во Ѓуде, близу Сплит [Хрватска]. Ја испратив целата потребна документација и ме повикаа на приемен испит. Тогаш за првпат ја напуштив Битола. Тоа беше првпат да се качам на воз за да отпатувам некаде. Не ме примија. Утврдија дека имам некаков недостаток на едното око. Затоа се вратив. Имав бесплатен повратен билет. Бев разочаран и не знаев што да правам со себе. Следната година работев кај еден човек во Битола и заработував 200 динари месечно. Работев кај човек што собираше старо железо. Се собираше стар метал, кој потоа се носеше на топење. Јас бев единствен вработен што ја извршуваше таа работа заедно со него. Луѓето носеа стар метал. Јас потоа го мерев, го носев во еден голема просторија каде што се собираше и издавав потврда со наведена вредност на донесеното количество метал во динари. Потоа лицето ја носеше потврдата во една продавница, каде што работеше сопругата на газдата, и таа му ги исплаќаше парите. Ова го работев само една година, бидејќи не гледав никаква перспектива во таа работа. Не можев да се помирам со фактот дека во Битола немаше никаква иднина за луѓето што се занимаваа со занает. А бидејќи во тоа време веќе имав прочитано многу книги, а читањето ми ги отвори очите, не можев да бидам задоволен со таквиот живот. Затоа барав начин да се извлечам од таа ситуација.

Истата година се пријавив во офицерско машинско училиште во Шибеник [Хрватска]. Отидов во Шибеник, но и таму ме одбија од истите причини. Оттаму заминав за Загреб, каде што работеше Дарио. Таму работеше и мојот братучед Моис, кој живееше со нас сè додека не си замина од Загреб. Тој живееше кај друг роднина, кој имаше продавница за стара облека (од втора рака). Таму се продаваше користена облека, но и нова облека изработена од многу евтини материјали. Моис работеше за него од дома, а робата што ја изработуваше или поправаше потоа се продаваше во продавницата. Во 1937–1938 година стапив во контакт со главната канцеларија на Хашомер Хацаир во Загреб. Знаев дека таа канцеларија се наоѓа во Загреб, а брат ми ми помогна да ја најдам. Отидов да разговарам со вработените во канцеларијата која се наоѓаше на улицата Илица. Им кажав кој сум и зошто сум дојден и ми рекоа дека во тој момент организираат хахшара, односно интернат на Хашомер Хацаир во Нови Сад, каде што се одржуваа курсеви за стручно оспособување. Добро направив што отидов таму зошто ме ставија на списокот. Ми рекоа да се вратам по неколку дена за да ги дознаам резултатите. Кога се вратив, ми кажаа дека сум примен и дека треба да се подготвам да заминам за Нови Сад во следните неколку дена. Не останав долго во Загреб, можеби помалку од еден месец, пред да заминам на хахшара. Сето она што го имав научено во Хашомер Хацаир во Битола сега дојде до израз. Веднаш ми најдоа работа во фабриката „Албус “, позната фабрика за сапуни во Нови Сад. Бидејќи бев обучен за машинскиот занает, ме распоредија да му помагам на ложачот. Таму работев околу една година, во 1938 година. Во Нови Сад живеев во интернатот на Хашомер Хацаир. Тоа беше стручно оспособување и подготовка за заминување во Израел. Целата плата ја оставав на интернатот, односно на организацијата. Јас бев единствениот од Битола. Имаше луѓе од Сараево, Рогатица, Загреб и Нови Сад. Можеби бевме околу дваесетмина вкупно, и мажи и жени, но мажите беа побројни од жените.

Потоа, во 1938 година, хахшарата се пресели во Голениќ, во Хрватска, близу Подравска Слатина [80 километри западно од Осиек], на имотот на еден Евреин - барон. Тој беше сопственик на речиси сите шуми во околината. Се презиваше Гутман. На организацијата Хашомер Хацаир ѝ го отстапи целиот свој имот на користење. Тој не живееше таму. Не знам кога и каде живеел, можеби во Австрија. Никогаш не го запознав. Организацијата беше таму сместена уште пред ние да пристигнеме. Објектите веќе беа реновирани; можеби ги имаше десетина. Имаше објекти за сместување, штали, подруми и две згради што наликуваа на дворци. Таму престојувавме и ние. Кога пристигнавме во Голениќ, таму веќе имаше група емигранти од Литванија, Естонија и Латвија. Тие се грижеа за објектите и за имотот уште пред ние да пристигнеме. Ние само им се придруживме. Вкупно бевме околу дваесет до триесет луѓе. Односот меѓу мажите и жените беше приближно половина-половина. Емигрантите беа возрасни луѓе. Немаше деца, а повеќето беа брачни парови.

Потоа, во 1939 година, бев регрутиран во војска. Служев во Петроварадин, односно во Нови Сад [забелешка на уредникот: Петроварадин е тврдина што датира од римско време, сместена непосредно од другата страна на Дунав, спроти Нови Сад]. Служев во моторизирана бригада, која, колку што знам, беше единствената во војската на Кралството Југославија.

Од хахшарата заминав директно во војска. Целата облека ми остана во Голениќ. Отидов во Битола само за да се пријавам, бидејќи оттаму ме регрутираа. Потоа заминав директно во војска, речиси без багаж. Во тоа време, првиот син служеше девет месеци, а вториот година и пол. Јас имав намера да служам година и пол. Откако отслужив половина од воениот рок, ми одобрија отсуство. За време на отсуството отидов во хахшарата во Голениќ, а не се вратив во Битола. Додека бев таму, пристигнаа покани за алија (миграција во Израел). Во тоа време имаше легална и илегална алија. Тогаш организираа илегално заминување со брод од некое пристаниште во Далмација. Јас бев меѓу кандидатите за оваа илегална алија. Отсуството речиси ми беше истечено, а се чекаше да дознаеме кога и каде треба да се качиме на бродот. Поканата не пристигна. Морав да отидам кај еден лекар во Подравска Слатина. Тој беше еден од нашите луѓе; се грижеше за сите во хахшарата и беше нашиот лекар. Често доаѓаше да нè посетува. Му ја објаснив ситуацијата и го прашав дали може да ми даде документ, или да се јави и да каже дека сум многу болен и дека ќе ми требаат уште два-три дена по истекувањето на отсуството за да закрепнам. Лекарот се согласи. Така и направи, па останав уште два-три дена плус. По два дена добивме известување дека бродот бил откриен. Да не го направев тоа, ќе ми судеа за самоволно отсуство од војска. Се вратив во Нови Сад со лекарската потврда и кажав дека сум бил болен. Командантот рече: „Ајде! Пет дена затвор! “Иако знаеја дека сум бил болен, ми рекоа: „Болен или не, мораш да се вратиш. “

Во април требаше да го отслужам воениот рок, но почна војната. Поради војната останав во војска и, наместо да си одам дома, заминав на фронтот. Не знам точно колку возила имаше во дивизијата, можеби десетина. Во оваа бригада имаше некои современи возила, но имаше и стари, со непневматски гуми. Не знам како да ги опишам — стари камиони. Во колоната имаше секакви возила од камиони, па сè до мали џипови за командантите. Главно беа товарни камиони. Мислам дека повеќето беа со чешко производство. Оваа бригада имаше задача да го снабдува фронтот. Беше задолжена за снабдувањето. Јас бев механичар. Имаше возачи и механичари кои ги поправаа расипаните возила. Бригадата имаше и сопствена работилница што ја носевме со себе. Нашата прва задача беше да се движиме на југ, кон Ниш. Меѓутоа, не успеавме да стигнеме до Ниш. Моравме да се вратиме назад, кон Белград. Во тоа време Белград веќе беше бомбардиран [види 6 април 1941 година]. Бригадата помина низ Белград. Но, откако почнавме да се враќаме, бригадата постепено се распаѓаше. По пат оставивме одреден број возила. И во Белград оставивме неколку возила. Од Белград се упативме кон Ужице. Околу половина од колоната некако успеа да пристигне во Сараево — можеби само дваесетина возила. Не знам точно колку. Знам само дека бројот на возила постојано се намалуваше додека се движевме. Речиси половина од камионите ги оставивме по пат. Целиот пат бегавме од непријателот, а потоа, во Сараево, налетавме право на него. Ни го одзедоа оружјето.

Во Сараево нè чекаа Германците и таму капитулиравме. Така се најдов во Сараево. Единственото што ми преостануваше да направам беше да заминам во логор или да избегам. Но, каде да избегам? Од Сараево до Битола имаше многу пат. Се организиравме во група од речиси десет војници. Добро се опремивме, секој со по два комплета воена облека. Во тоа време магацините беа полни со најразлична опрема. Подготвивме и торби со храна. Од Сараево пешки пребегавме кон Вишеград [80 километри источно од Сараево]. Бевме цела група, но всушност секој се грижеше за себе. Во групата имаше резервен офицер од Битола, кој добро знаеше германскиот јазик и многу ни помогна.

Не заминав во војска од Битола, туку од хахшарата во Голениќ. Таму ја оставив целата своја опрема и облека. Сега не можев да се вратам во Голениќ, па единствено што ми преостануваше беше да се вратам во Битола. Но, како да стигнам до Битола кога немав што да облечам таму? Ова не беше проблем само за мене, туку и за целата група. Се движевме надвор од главните патишта. Беше многу ризично. Многумина ги фрлаа униформите уште во првото село и облекуваа каква било друга облека. Јас не можев да го направам тоа. Тогаш, што ќе облечев кога ќе стигнев во Битола? Кога конечно пристигнав во Битола, прво што направив беше да ја однесам униформата на бојадисување и преправки.

Во Вишеград, еден благајник, не знам кој беше ниту од која војска, им делеше пари на војниците. Очигледно, имаше чесни луѓе кои ја видоа бедата во која се наоѓаше војската и сакааа да помогнат. На сите заробеници им исплатија пари. Се сеќавам дека ни дадоа по 200 динари, во сребрени монети од по 20 динари. Наместо тие пари да им ги предадат на Германците, ни ги дадоа нам, на војниците. Тоа беше многу хуман гест. Разбирате, требаше некако да стигнам од таму до Битола. И другите војници беа од различни краишта на целата земја, низ цела Југославија. И ним им требаа пари. Овие пари многу ни помогнаа на патот кон дома.

Така, се собравме една група и тргнавме од Вишеград, поминавме низ Србија и Косово, а потоа продолживме кон Македонија. Сите бевме во униформи. Следниот ден се упативме кон Краљево [120 километри јужно од Белград], дел од патот го минавме пешки, а дел со воз. Понекогаш чекавме и по два-три дена. Целиот пат до Битола го поминавме во униформи. И бездруго во Битола немав што да облечам, бидејќи целата моја облека беше во Хрватска. Патувавме вака десет до петнаесет дена, а потоа конечно пристигнавме со воз во Битола. Во близина на Скопје дел од железничката пруга беше оштетена. Еден германски подофицер ни рече дека ако сакаме да стигнеме до Битола, ќе треба три-четири дена да работиме на поправка на пругата, а потоа тој ќе ни организира превоз до Битола. Тоа го договори со нашиот резервен офицер и, по два дена работа, се качивме на возот и пристигнавме на железничката станица во Битола.

Пристигнавме ноќе, за време на полицискиот час. Офицерот од нашата група, кој зборуваше германски, замоли еден германскиот офицер да ни овозможми безбедно да си одиме дома. И денес се сеќавам како германскиот офицер му нареди на бугарскиот началник на железничката станица да обезбеди група војници кои ќе нè придружуваат до нашите домови, во две или три групи. Така, среде ноќ, нè одведоа до дома. Кога пристигнав, заѕвонив на ѕвончето. Мајка ми го слушна ѕвонењето, но не смееше да ја отвори вратата. Се плашеше. Не знаеше што се случува. А потоа, кога ме виде среде ноќ, беше премногу изненадена.

Кога се вратив во Битола, морав да се грижам за семејството. Постариот брат не се врати дома, па веќе не можевме да сметаме на неговата помош. Дури подоцна дознавме дека бил затворен во Германија. Морав да се грижам за семејството. Што друго можев да правам? Затоа, во 1941 година отворив машино-браварска работилница. Дома имав нешто алат што ми остана од оние пет години работа како чирак. Работилницата ја држевме јас и брат ми. Јас бев мајсторот, а брат ми ми помагаше. Поправавме печки на дрва, машини за шиење „Сингер “, како и пумпи за вода. Бидејќи печката не можеше да се донесе во работилницата, морав јас да одам кај луѓето дома. Имав торба со алати што ја носев со себе кога одев по куќите за поправки. Ова го работев и покрај тоа што бев обучен само за поправка на пушки. Но, откако започна германската окупација, не смееше никој да поседува пушка. Сè беше под строга полициска контрола. Најчесто поправав печки. Немавме многу работа. Едвај врзувавме крај со крај. И таа мизерна заработувачка беше сè што имавме. Немавме друг извор на приходи. Претходно, по смртта на татко ми, кога семејството финансиски пропадна, живеевме од 200-те динари што брат ми ни ги испраќаше од војска. А потоа кога дојде војната и тие пари престанаа да пристигнуваат.

Во тоа време, шверцот преку грчката граница беше многу раширена појава и носеше добра заработка. Помалиот брат беше многу вешт во тие работи. Неколкупати отиде во Грција, каде што купуваше роба и потоа ја продаваше тука. На тој начин успеавме да купиме една машина што ни беше потребна во работилницата. Работевме така сè додека не почнав да ја запоставувам работата, кога се приклучив кон движењето [види „Еврејското учество во Народноослободителната војска“].¹²

За време на окупацијата Германците нè собираа пред Еврејската општина. Прв пат не собраа во 1941 година и организираа акција.[види „Германската окупација на Македонија во Втората светска војна “]. ¹³ Сите се собравме пред Еврејската општина. Организираа разни акции, на пример, акција за чистење на покривите на бараките. Тоа беше првпат да учествувам во такво нешто. Тогаш им реков на сите: „Не сакам да ме повикувајте повеќе за вакви работи. “И навистина, никогаш повеќе не отидов. Никогаш не ја носев ѕвездата, односно ознаката за Евреите [види „Жолти ѕвезди во Бугарија “]. ¹⁴ Направив лажни документи со измислено име, кое не го памтам.

Кога започна војната, сите наши контакти со Хашомер Хацаир од градовите низ Југославија беа прекинати. Тоа важеше и за контактот со главната канцеларија во Загреб. Хашомер Хацаир никогаш не беше нелегална организација, но беше под надзор. Добро знаеја дека еврејската младина немаше никогаш да приклони кон фашистичките окупатори. И затоа тоа не беше обичен надзор. Доволно беше да те фатат некаде како правиш некаква активност и веднаш ќе те испратат во затвор, или на принудна работа. Надзорот го вршеа Бугарите. Германците ја окупираа Битола, а потоа дојдоа Бугарите и ја превземаа контролата [види „Бугарската окупација на Македонија “]. ¹⁵ Во Македонија, бугарските фашисти фактички ја вршеа власта. Беа полоши од Германците. Сакаа да ја докажат својата лојалност.

За време на војната, сите бевме дел од движењето, само што некои беа поактивни од другите; инаку сите бевме подржувачи. Во тоа време, за да бидеш активен, требаше да имаш храброст и одлучност. Беше ризично, многу ризично. Пепо [Камхи] ми беше идол како водач на младинското движење. Многу го ценев и почитував. Тој беше водач на младинската организација, но не знам колку беше подготвен целосно да ѝ се посвети на [Партијата] [види „Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) “]. ¹⁶ Во 1941 година за ова прашање имаше големи несогласувања. [Во Хашомер Хацаир во Битола]. Не знам каков став имаше Пепо по тоа прашање. Иако беше водач на младинската организација, Пепо не се истакнуваше како активист на движењето. Собравме група млади луѓе кои безрезервно се приклучија на оваа борба. Но, имаше и такви кои се држеа настрана. Пепо беше повозрасен интелектуалец; имаше завршено гимназија, а во тоа време тоа веќе значеше дека си интелектуалец. Тие интелектуалци малку се држеа настрана.

Еднаш, кога веќе бев член на Партијата, добив наредба да бидам член во една група во која Пепо беше вклучен како симпатизер. За мене тоа беше доста непријатно. Јас бев член на Партијата, а тој беше само симпатизер. Верувам дека ни нему не му беше пријатно, со оглед на тоа што јас дојдов во неговата група како некаков партиски координатор. Во групата имаше млади луѓе на возраст до дваесет години. Младите не му ја мислеа многу. Не знам како да го објаснам тоа. Постарите, генерацијата на Пепо, беа повоздржани. Не се впуштаа во ризик како младите. Младите не размислуваат многу. Затоа во 1941 и 1942 година најактивни беа младинците од возрасната група кофим и кофим богрим. Токму припадниците на овие генерации, на оваа возрасна група, заминаа во партизани. Другите не заминаа. Се држеа настрана и штом работите ќе станеа малку посериозни, се повлекуваа. Ова беше општа карактеристика на движењето во текот на таа војна. Меѓу партизаните ретко можеше да се сретне човек со семејство. Сите беа млади; тие ја носеа борбата на својот грб. Барем така беше во Македонија. Како што велат: „Една глава, една капа. “Но, кога човек има семејство тогаш е посериозен, размислува за сите последици. Младите не размислуваат многу за последиците. Такво беше времето. Ако премногу се размислуваше, тогаш не ќе се направеше ништо и немаше да има борба. Ризикот беше огромен. Исклучително голем. А беше уште поголем ако си Евреин и те фатат. Е тука ти беше крајот. Тоа му се случи на Пепо Пешун. Го фатија како партизан, воопшто не му судеа, туку една ноќ едноставно исчезна. Тој беше во партизани, а потоа, не знам што се случи, ги напушти. Потоа го фатија Бугарите, кои знаеја дека бил во партизани. Воопшто не му судеа, ништо — едноставно го убија. Тој беше Евреин. Да беше некој друг, немаше така едноставно да го убијат. Ќе му судеа. За Евреин, ризикот беше навистина голем. За еден миг можеше да ја изгубиш главата. Во тоа време Евреите носеа значки [жолти ѕвезди], а за нив имаше и полициски час. Тие не можеа да одат никаде.

Ми беше многу тешко, како и на сите други, да ја прифатам окупацијата. Особено кога почнаа да ги донесуваат оние закони со кои се ограничуваа правата на Евреите, кога ни наредија да носиме ленти на раката и воведуваа секакви други ограничувања, разни законски одредби и правила. Тогаш немаше друг избор освен да се приклучиме кон организираниот отпор против сето тоа. 

Не беше така едноставно да се зачлениш во Партијата. Најпрво требаше да бидеш член на СКОЈ. Јас не бев член на СКОЈ. Ако си повозрасен, тогаш требаше да станеш кандидат за член на Партијата, а дури потоа и полноправен член. Јас, на пример, се вратив во Битола кон крајот на април и повторно се активирав во Хашомер Хацаир. Како активист во еврејската младинска организација, учествував во одредени активности на движењето. Се приклучив кон Народноослободителната организација, која во тоа време се формираше во Битола. Имаше членови од организацијата кои учеа занает со мене кај истиот мајстор и така знаеја дека умеам да поправам пушки. Во тоа време оружјето, кое беше изнесено од магацините пред доаѓањето на Германците, беше од големо значење. Организацијата имаше посебна група задолжена за сокривање на тоа оружје. Голем дел од собраното оружје беше неисправно, бидејќи Германците ги фрлаа пушките што не функционираа. Тие неисправни пушки требаше да се поправат. Благодарение на моите занаетски вештини, станав потребен во Народноослободителното движење во Битола. Им бев потребен на луѓето задолжени за поправка и сокривање на оружјето, односно на оние што го организираа отпорот против окупаторите. Ова стана особено важно по германскиот напад врз Советскиот Сојуз. ¹⁷ Во тоа време, Комунистичката партија на Југославија објави дека е подготвена за вооружена борба против окупаторите. За таа борба требаше да се организираат луѓе и да се подготви оружје.

Во подрумот направив работилница [за потребите на движењето]. Имав и друга работилница, во која поправав други работи. Како заслуга за тоа, во август ме примија во Партијата. Најпрво ме побараа околу поправката на оружјето, а потоа и за разгранување на мрежата меѓу еврејската младина. Тие контакти на крајот доведоа до тоа да ми понудат да станам член на Партијата. На пример, човекот со кого соработував околу поправката на оружјето беше секретар на Партијата во Битола, Стив Наумов. Тој и јас бевме школски другари. Само што дозна дека сум се вратил, веднаш ме побара. По извесен период на активизам во движењето, ме прашаа дали сакам да станам член на Партијата и јас се согласив. Сакав да бидам активен. Ако си член на Партијата, нормално е дека ќе имаш повеќе обврски и дека треба повеќе да работиш. Кога пријателите ме прашаа дали сум подготвен да работам за движењето, одговорив: „Јас сум вистинскиот човек за тоа. Еве ме, тука сум. “Така, за кратко време, во август 1941 година, станав член на Комунистичката партија и еден од поистакнатите активисти во градот.

Не знам колку членови имаше Партијата во Битола. Немаше многу членови, но имаше многу кандидати за членство и симпатизери. Тие работеа за Партијата и беа многу посветени во тоа, со надеж дека ќе бидат примени за членови. Но, во тоа време беше многу тешко да станеш член на Партијата. Тоа не беше така едноставно. Во Битола мислам дека имаше околу сто активни членови. Активностите на членовите на Партијата и на Градскиот комитет во рамките на Народноослободителното движење беа проширени низ целиот град, кој тогаш имаше 50.000 жители. Во тоа време, Партијата беше организирана во ќелии, од по пет-шест луѓе. Сите во ќелијата беа членови на Партијата, а секој член раководеше со две, три или пет групи симпатизери. Најпрво требаше да бидеш симпатизер на Партијата, потоа стануваш кандидат за членство, а дури потоа можеш да бидеш примен за член. Таков беше редоследот. Тоа беше посебно време. Денес ова е речиси незамисливо и малку чудно, но тогаш беше така.

Самото зачленување во Партијата значеше однапред дека се изјаснуваш како  противник на државата, односно дека влегуваш во судир со државата и власта. Според законот, ако се докажеше дека некој е член на Партијата, веднаш го изведуваа пред суд и му судеа. Тоа се сметаше за акт против државата.

Кон средината на 1941 година, откако станав член на Комунистичката партија ги интензивирав активностите меѓу еврејската младина со уште позасилено темпо. Ги разгледаме можностите за понатамошно позасилено дејствување на организацијата. Хашомер Хацаир веќе беше под полициски надзор, како и сите други организации, а како левичарска организација беше под посебна полициска контрола. Сите активности на организацијата беа прекинати. Тогаш се постави прашањето: што понатаму? Оние што ги активиравме во работата на движењето започнаа кампања за целосно приклучување на организација кон Партијата. Други сметаа дека секој поединец треба самостојно да се приклучи, во средината во која работи и живее, меѓу своите пријатели и преку лични контакти. За ова разговаравме во текот на целата 1941 година. На крајот, беше одлучено секој да ѝ се приклучи на Партијата на начин што најмногу му одговара. Бидејќи бевме под полициски надзор, не можевме да дејствуваме повеќе како организација. Сепак, можевме да ги поттикнеме нашите членови да не останат пасивни. Потоа започнавме со акции за собирање храна и парични средства. Беше формиран Фрондот за помош на движењето, како организација на симпатизери. Така ја вклучивме и постарата генерација.

Некаде во тој период ме затворија. Бев вклучен во една акција во која група активисти запалија некое место в планина, каде што се правело сирење. Имало бачила, овци паселе наоколу и од млекото правеле сирење. Токму на едно такво место, групата конфискувала околу 20 пити кашкавал за потребите на партизаните и илегалците. Акцијата ја организираше Пецо Божиновски, народен херој на [Македонија]. Тој координираше група на Евреи поддржувачи и членови на СКОЈ. Петнаесет од дваесетте конфискувани пити кашкавал беа поделени на еврејски семејства, еврејски активисти и симпатизери. Ми дадоа една пита кашкавал да ја скријам. Мојот удел во акцијата беше тоа. Го скрив кашкавалот кај мојот пријател [Герон]. Ова му е презимето, но не можам да се сетам на неговото име. Герон беше син на еврејски верски службеник во Битола. Не можам да го наречам рабин, бидејќи имаше само еден рабин, а вакви верски службеници имаше многу. [Таткото на Герон] беше еден од нив. Герон беше чевлар. Тој беше еден од симпатизерите и, како таков, се согласи да го прими кашкавалот. Мораше да се докаже за да стане член. Во тој период во неговиот дуќан дошла комисија за да направи контрола на кожата што ја имал зошто шверцот на ѓонови и други кожни производи беше раширена појава. Затоа бугарската полиција повремено вршеше ненајавени контроли по дуќаните. Наместо кожа, пронашле пита кашкавал. Кога го сокривме кашкавалот, не се сетивме да ги изгребеме печатите. Така полицајците виделе дека станува збор за една од украдените пити кашкавал. Наместо да најдат ѓонови, го нашле кашкавалот. Не бевме искусни во тие работи и не го изгребавме печатот на кашкавалот; секоја пита имала свој печат. Веднаш открија дека тоа е кашкавалот што беше украден.

Дојдоа кај мене дома и ме одведоа. Признав дека кашкавалот е мој и дека сум го купил на пазар. Тоа звучеше малку глупаво, но упорно ја повторував таа приказна. Ме измачуваа, направија цела драма околу тоа. Затворот [во врска со случајот со кашкавалот] се наоѓаше во Богословијата, верското училиште [Православната христијанска црква] каде учеја за свештеници. Училиштето се наоѓаше во центарот на Битола. Бевме сместени во една огромна училница. Внатре имаше 50 затвореници. Не бев осуден, туку само задржан во притвор. Тоа беше еден вид привремено лишување од слобода заради испрашување. Ако има докази, те изведуваат пред суд, а ако нема, те пуштаат. Бев затворен заедно со Герон, човекот што ме пријави. Кога признав што сум направил, него го пуштија. [Герон] беше убиен во логорите.

Бугарите беа многу умешни во изнудувањето признанија. Сакаа да дознаат кој ја организирал акцијата за кражба на кашкавалот. Користеа разни методи за да дојдат до таа информација. Тој човек им кажал дека јас сум му го дал кашкавалот. Значи, јас мора да сум бил организаторот. Ме фатија и почнаа да ме испрашуваат. Смислив една приказна и се држев до неа. Не беа задоволни од приказната и сакаа да им кажам како навистина сум дошол до кашкавалот. Кој ми го дал. Најпрво ме тепаа по табаните. Но, претпоставувам дека тоа не им се чинеше доволно ефикасно, па почнаа да ме измачуваат со струја. Ми ставија по една електрода на секоја рака и уште една на грбот. Кога ја пуштија струјата преку електродата на грбот, почувствував болка.

Потоа ми рекоа дека повторно ќе ме повикаат на испрашување во 22 часот. Ако не признаам, ќе ме убијат. Потоа ме вратија во затворот. На сите што бевме заедно во просторијата им раскажав што се случи. Оние што имаа искуство со затвори ми рекоа: „Тоа не е ништо. Не грижи се. “И точно во 22 часот ме повикаа. Кога им реков дека немам што да кажам, ги повикаа стражарите и ме вратија во затворот. Следниот ден ме ослободија. Издржав 20 дена, доказниот материјал беше изеден и на крајот ме пуштија.

Потоа бев унапреден на повисока функција. Раководев со една ќелија, или како и да се нарекуваше тоа. Ќелиите претставуваа една организациска единица. Секоја ќелија се состоеше од најмногу десет луѓе — активисти и партиски раководители, кои ја организираа и водеа работата. Секретарот на ќелијата беше поврзан со локалниот комитет. Секретарот добиваше директни наредби од локалниот комитет и ги спроведуваше. Јас бев секретар на ќелијата. Бевме околу шест-седуммина. Мислам дека бевме седуммина. Активистите на ќелијата беа откриени, а потоа дознаа дека јас сум секретарот.

Некои од моите пријатели од ќелијата беа уапсени. Преминав во илегала за да не бидам и јас уапсен. Се криев речиси 15 дена. Брат ми се грижеше за работилницата. По 10–15 дена видов дека ништо не се случува и се вратив дома. Во тие десетина дена бев присутен во маалото, но избегнував да одам во работилницата и дома. Само што пристигнав дома, полицијата дојде и ме приведоа. Немав каде да бегам. Ме одведоа во полициската станица, а потоа и во затвор. Ме оставија таму десет дена, а за тоа време никој не ме испрашуваше. Ги познавав сите што беа затворени со мене. Веднаш дознав што се случило.

Бев предаден од еден висок функционер на Партијата, Кочо Десан, кој раководеше со комисијата за воени прашања во Битола. Тој беше член на локалниот комитет. Работевме во истата ќелија. Првиот ден, кога го уапсиле, покажал слабост: признал дека работи во воената комисија, дека раководи со неа и дека припаѓа на таа и таа ќелија. Кажал и дека ќелијата одржувала состаноци на различни места, меѓу кои и во домот на Бено. Полицијата била заинтересирана за воените прашања, па другите работи ги оставила за подоцна. Меѓутоа, следниот ден тој сфатил што направил, го одрекол она што го кажал и повеќе не проговорил ниту збор. Бил осуден на смрт и обесен. Бил откриен како активист кој раководи со воениот сектор. Го обесиле затоа што не сакал да даде повеќе информации. Се предал самиот, но не сакал да предаде никој друг. За бугарската полиција беше многу важно да ја открие и да ја фати целата мрежа. Врз основа на она што го кажал за ќелијата, ги уапсија сите членови. Го барале и човекот по име Бено. А потоа ме уапсија мене.

Десет дена по апсењето ме повикаа на сослушување. Успеав некако да ги убедам дека јас не сум тој Бено. Потоа ме пуштија. Не помина ниту една недела и повторно ме открија, овојпат како секретар на локалниот комитет. Ме бараа насекаде, но не можеа да ме најдат. Од бес ги уапсија мајка ми и брат ми. И мајка ми беше вклучена во партиските активности. Беше многу активна во движењето, иако беше неписмена. Кога имавме состаноци, таа стоеше на врата и држеше стража. [Забелешка на уредникот: Иако Евреите сочинувале само 10% од населението во Битола, тие биле застапени со повеќе од 75% членство на илегалните ќелии и други единици за различни илегални активности. Многу еврејски домови се користеле за организирање илегални политички активности во Битола. Извор: Лебл.] Таа знаеше сè што се случуваше. Се плашеше, но не се противеше.

Откако преминав во илегала, полицијата дојде да ме бара и ги уапсија мајка ми и помладиот брат. Додека беше во затвор, мајка ми не им кажала ништо. Ниту збор. А знаеше многу. Ги познаваше луѓето што доаѓаа во нашиот дом. Се преправаше дека е неписмена и дека ништо не знае. Ги држеа во затворот во Битола речиси еден месец. Кога дознаа дека повеќе не сум во Битола, ги интернираа [види Интернирање на Евреите во Бугарија] ¹⁸. Беа интернирани шест месеци и се наоѓаа во различни делови на земјата, така што немаа никаков взаемен контакт. Знам дека брат ми бил некаде во близина на границата со Турција. Од местото во Бугарија каде била интернирана мајка ми ја депортираа во Скопје, каде што потоа ја приклучиле кон конвојот за депортација. Брат ми дознал дека состојбата не е добра. Бил омилен меѓу бугарските селани во местото каде што бил интерниран. Го сакале затоа што бил механичар и умеел да прави разни поправки: им ја поправал електричната инсталација, сè им поправал. Го предупредиле дека работата не е добра и дека полицијата го бара. Успеал да стигне до Софија. Таму живееше еден наш пријател, Аврам Садикарио. Мислам дека тој му помогнал со пари, па така брат ми успеал да се врати во Битола.

Стигнал во Битола ноќта кога Евреите беа депортирани [види 11 март 1941 година]¹⁹. Се скрил на таванот кај тетка ми. Оттаму набљудувал сè што се случувало. Јас го приклучив во активностите на движењето. Извесно време работеше како техничар во Битола и печатеше пропаганден материјал. Беше главен курир. Тоа му овозможи да им се приклучи на партизаните.

Кога Кралството Југославија капитулираше во 1941 година, братучед ми Моис не можеше повеќе да остане во Загреб и се врати во Битола. Тука работеше како кројач. Шиеше за една продавница за облека. Се ожени, но немаше деца, а потоа беше одведен во логорите. Последен пат го видов додека бев во илегала во Битола и немав безбедно место каде што можев да престојувам. Тој живееше на другиот крај од градот, па останав кај него два дена. Ми помогна да стапам во контакт со Роза. Тогаш се видовме. Преку него успеав да стапам во контакт со градското раководство и да завршам некои задолженија. Потоа заминав во еден илегален стан.

Секоја партизанска единица го носеше името на некој паднат борец, со цел зачувување на континуитетот на борбата. Тоа беше убава идеја, бидејќи тие не успеале да ја остварат својата цел. Кога се формираше одредот „Дамјан Груев “²⁰, се предвидуваше дека ќе се состои од две единици, но се појавија проблеми и тоа не беше можно, па затоа беше формиран одредот „Јане Сандански “²¹. Одредот „Јане Сандански “беше битолски одред, формиран на периферијата на Битола, во близина на Пелистер, во селото Лавци [30 километри западно од Битола]. Во овој одред имаше двајца Евреи. Едниот бев јас, а другиот беше Мордехај Нахмијас. Тој загина како командант на баталјон на Кајмакчалан [највисокиот врв на планината Ниџе во Македонија]. Имаше уште двајца Евреи, чии имиња не ги памтам, но немаше услови за нивно останување во одредот и беа вратени во Битола. Јас бев назначен за заменик-комесар на одредот „Јане Сандански “. Кога условите се подобрија, одредите „Јане Сандански“ и „Дамјан Груев“ се споија, а обединетата, поголема единица го доби името „Дамјан Груев“. Одредите се обединија во Преспа [30 километри југозападно од Битола]. Од Преспа заминав во областа Дебарца, која се наоѓа меѓу Охрид, Струга и Кичево, каде што ослободивме територија и го формиравме вториот баталјон, „Мирче Ацев“. Тоа е, во кратки црти кажано, она што се случуваше на фронтот. Сè уште се сеќавам на сè, како вчера да беше.

По војната ја напишав книгата „Хронологија на единицата ‘Дамјан Груев’“. Во неа напишав за сè што се случуваше до формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“. Еве, на ѕидов, ja имам оваа спомен-плоча од баталјонот „Мирче Ацев“. На неа пишува: 1943–2003.

Веќе наведов дека бев заменик-политички комесар на една единица. Исто така, бев секретар на комитетот во Битола и тоа во најтешкиот период. Тој период траеше околу три-четири месеци. Тоа беше во летото 1942 година. Во тој период имаше најмногу апсења.

Најзначајното искуство што го доживеав за време на војната беше ослободувањето на Битола. Тоа беше првиот град во Македонија што беше ослободен. Успеавме да ја задржиме Битола под наша контрола десет дена. Бугарите беа подготвени да капитулираат, беа всушност на прагот на капитулација и водевме преговори. Германците не беа пристигнати. Потоа заминавме во Прилеп [40 километри северно од Битола]. Ги изолиравме Бугарите што се наоѓаа во касарната, односно во гарнизонот. Во Битола се судривме со Германците. Успеавме да го одбиеме првиот германски напад и градот беше ослободен после неколку дена. Тоа беше првото ослободување на Битола. Јас раководев со оваа бригада. За мене, ова беше најзначајниот настан во војната.

Напредував онака како што напредуваше и армијата. До 1944 година, на крајот од операциите за ослободување на Македонија и Југославија [види Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ)] ²², го достигнав чинот политички комесар на корпус. Тоа е чин еквивалентен на генералски чин. Во тоа време имав 24 години. Тогаш во Македонија бевме околу петмина со тој чин. Бев меѓу петте највисоки функционери. За оваа функција беше потребно знаење. Имав големо искуство, бев борбен, имав сè освен знаење. Заради тоа морав да поминам уште пет години на школување. Тоа беше напорно за мене, исклучително напорно. Моето образование мораше да биде на исто ниво со функцијата што ја извршував. Моите пријатели, кои беа во слична ситуација како мене и имаа сличен пат, не успеаја. Ете, така беше тогаш. Некои работи животот ги наметнува доброволно, а некои со сила. Кога заврши војната, веќе бев висок воен функционер со чин генерал. По војната се посветив на мојата кариера во армијата.

Во Битола, во 1941 година, добивме писмо од брат ми во кое пишуваше дека се наоѓа во германски логор за воени заробеници. Не го знам името на логорот. Бидејќи беше во логор за воени заробеници, заедно со други заробени војници, по војната ги ослободија. Ги користеа само за работа. Всушност, не ги користеа ни за работа. Воените заробеници имаа посебен третман. Во 1945 година, Црвениот крст објави дека во текот на следните неколку дена со воз ќе пристигнуваат заробеници што се враќаат од Германија. Отидов на железничката станица во Белград и го чекав [брат ми]. Го чекав два-три дена, но тој не дојде. Ја изгубив надежта дека ќе се врати. Тој пристигнал подоцна, откако јас си заминав. Отишол кај Мики Алба или кај некои други пријатели, кои му кажаа дека сум жив и дека сум на служба во Краљево. Кога слушнал од нив дека сум политички комесар на една дивизија, не му се верувало дека станува збор за мене. Бидејќи дотогаш веќе имав чин потполковник, не можел да поверува дека за само три-четири години сум напредувал до толку висок чин, а згора на тоа сум станал и командант на дивизијата. Затоа рекол дека тоа сигурно не сум јас. Едвај го убедиле дека тоа е вистина. Дојде во Краљево. Се увери дека сум жив и здрав и дека навистина сум го постигнал тоа што му го кажале. Можам да замислам колку беше изненаден. Тој беше војник десет години, а едвај успеа да стане прв наредник. Се врати во Битола [или можеби во Скопје].

Од него дознав многу работи, меѓу другото, дека не треба да очекувам ништо добро од логорите, особено од Треблинка и Аушвиц. Сосема случајно се погоди јас да бидам во Сараево во исто време кога тој таму беше заробен, но не се сретнавме. Кога успеав да побегнам во Вишеград, него го заробиле, го качиле на воз и го однеле во Германија.

Помалиот брат беше дете за време на војната. Всушност, не можеме баш да го наречеме дете, бидејќи се бореше во партизаните. Беше партизан заедно со мене. Отиде во затвор на 17-годишна возраст. Беше активен во текот на целиот период. Во 1942 година работеше во илегална печатница. Само јас и тој го печатевме материјалот. Во тоа време јас раководев со печатарската дејност. Тој беше единствениот што знаеше за тие активности. Го носеше материјалот што требаше да се печати, а потоа ги доставуваше отпечатените материјали до определени пунктови. Само две лица од цела Битола знаеја за печатарската дејност — брат ми и јас. Тоа беше така затоа што градот имаше лошо искуство со печатењето пропаганден материјал. Некои од активистите што беа вклучени во тоа беа убиени. Алберт беше носител на Партизанска споменица. Во тоа време, тоа беше највисокото одликување што можеше некој да го добие. Тоа значеше дека си бил признат како еден од водачите на борбата уште од 1941 година. За да ја добиеш оваа споменица, требаше да пополниш формулар и да го испратиш до Комисијата во Белград, која одлучуваше дали ги исполнуваш условите за ова одликување. Требаше да ја докажеш својата заслуга. Јас го пополнив формуларот, а двајца сведоци, кои исто така беа носители на ова одликување, требаше да ја потврдат мојата изјава. Не се сеќавам кои беа моите сведоци. Формуларите се испраќаа во Белград, до посебна комисија што ги разгледуваше барањата. Роза, Алберт и јас поднесовме барања и сите ја добивме споменицата. Со оваа споменица следеа и многу привилегии. Како нејзин носител, можеш бесплатно да се возиш со автобус. Едно време имавме право и на еден бесплатен авионски билет во рамките на Југославија. Овие привилегии не беа укинати одеднаш, туку постепено престанаа да важат. Немаше посебна наредба за нивно укинување. Овде, носителите на оваа споменица сè уште можат бесплатно да се возат со автобус, или да добијат тринаесетта плата за годишен одмор.

Одликувањето се состоеше од медал и уверение. Мислам дека ние ги добивме спомениците во 1952 година. Имаше рок до кога требаше да бидат решени сите овие барања и со тоа постапката завршуваше. Комисијата работеше на разгледувањето на барањата со години, можеби и десет години. Медалот и уверението се добиваа од Сојузот на борците. Всушност не се сеќавам точно како сето тоа одеше. 

Да останеше жива мајка ми, и таа ќе го добиеше ова одликување. Храбро издржа сè. И жртвуваше сè. Сигурно била среќна кога стигнала во логорот, односно во Монополот [види: Тутунски комбинат „Монопол “] ²³ во Скопје. Сите биле таму. А, Дарио, Алберт и јас не бевме. Ни Роза не беше таму, а мајка ми знаеше за мене и за Роза. Верувам дека била среќна затоа што барем ние ќе се спасиме. А ние, ете не можевме никако да ѝ помогнеме.  

Со сопругата Роза Камхи се запознав преку Партијата, односно преку Хашомер Хацаир. Таа членуваше во женската младинска група, а јас во машката. Решивме да се венчаме веднаш по војната. Роза работеше во финансии, со пари и буџети. Работеше во таа област сè до пензионирањето. Не знам точно кога се пензионираше. Македонија беше ослободена. Но, јас не бев се уште слободен. Македонија учествуваше во борбите на Сремскиот фронт со еден корпус, а јас бев еден од раководителите на тој корпус. Сремскиот фронт беше тешко боиште. Борбите започнаа некаде во април и траеја непрекинато до крајот на мај. Потоа бев во Загреб. Од Загреб, со мојата дивизија, ме префрлија во Босна, каде што се боревме против четниците²⁴ и против непријателите на револуцијата. Од Босна заминав со дивизијата во Србија. И таму водевме борби против преостанатите четници. Сето тоа траеше до есента 1945 година. Есента ја напуштив дивизијата за да посетувам партиски курс во Белград. Оттаму ме префрлија во Скопје, а потоа во Ниш. Во 1946 година се вратив во Скопје. Тогаш, во 1946 година, се венчавме. Пред тоа бев во Краљево [120 километри јужно од Белград], Белград, Ниш и Скопје. 

Мислам дека Роза и јас се венчавме во 1946 година. Не можам да се сетам на датумот. Како тоа пак да е многу важно. Не се сеќавам по кој редослед се одвиваа работите тој ден. Но, мислам дека излеговме да купиме нешто, па после требаше брзо да завршиме со тоа и да се вратиме дома. Немаше никаква прослава. Роза и јас се венчавме истиот ден кога се венчаа брат ми Дарио со својата сопруга. Бевме јас, Роза, постариот брат Дарио и Дора, неговата сопруга. Братот на Дора, Пепо Нахмијас, беше сведок од нејзина страна. Таму беше и Жозеф Камхи, внукот на Роза. А беше и Боце Ламдески, мој другар од војната и наш пријател од Ресен. Сега е починат. Тој ни беше кум. Двата брачни пара живеевме во една соба со еден кревет. Убаво ни беше. Наизменично спиевме на креветот. Тоа беше домот во кој Роза живееше пред да се омажи. Во тоа време становите се доделуваа преку работа. Јас бев во војска и војската се заложи да ми доделат стан, наместо јас самиот да се грижам за тоа. Тогаш не можеше едноставно да изнајмиш стан, бидејќи сите станови беа национализирани. Во куќата во која живеевме со Роза, живееше и сопственикот. Целата куќа беше негова, но по војната сè му беше одземено. Му беше доделен само еден мал стан, на еден од катовите. Останатиот дел беше национализиран. Сите станови беа заведени во евиденција и распределени од општината. Сите соби беа попишани. Во тоа време становите беа многу скромни. Војската побара од општината да ни доделат уште една соба. Потоа дојде Дарио и побаравме уште една соба. Додека живеевме таму, веќе имавме две соби, кујна и уште нешто, не се ни сеќавам што. На крај ни дадоа цел стан само за нас. Потоа ме преместија во Ниш и му го оставивме станот на брат ми.

По војната, Дарио се вработи во Скопје како механичар. Дора беше родена истата година како Роза и работеше како службеничка. Во 1945 или 1946 година Дарио се запиша на факултет, каде што студираше агрономија, но заврши само една или две години. Всушност, сакаше да студира инженерство зошто тоа му беше струка, но таков отсек немаше на Универзитетот во Скопје. Кога замина во Израел, веќе имаше одредени познавања од земјоделството. Таму стана земјоделец. Доби земја и стана модерен земјоделец во Петах Тиква. Целосно му се посвети на тоа. Сигурно не му било лесно, но успеа да створи нешто. Имаше две деца, Салина и Исак. Тие се родени во Скопје, но живеат во Израел. Ниту еден од нив не оформи семејство, ниту имаат деца. Брат ми почина во Израел, а неговата сопруга сè уште е жива.

Ми беше жал кога брат ми замина за Израел, но го разбирав. Студирав во Белград и отидов со него на железничката станица. Се прегрнавме и се збогувавме на станицата. Мојот помал брат не можеше да го разбере Дарио. Алберт не можеше да го прифати неговото заминување. Не знам зошто не можеше да го разбере. Алберт и јас учествувавме во НОБ, додека Дарио беше во логор. Тој не го доживеа она низ кое поминавме ние. И не можеше да почувствува толку длабока поврзаност со оваа земја како нас. Ние пролеавме крвта за оваа земја. Тој беше во логор и постојано живееше во страв дека сето тоа не смее повторно да се случи. Единствената сигурност ја гледаше во Израел. Затоа беше сосема нормално што таму замина. Не му правев проблеми поради тоа. На крајот на краиштата, одлуката не зависеше само од него — тој беше оженет и имаше две деца. Неговата сопруга сакаше да замине затоа што таму беше брат ѝ. Таа и брат ѝ беа многу блиски, неразделни. Животот на помладиот брат тргна по поинаков пат од мојот. Алберт никогаш не отиде во Израел. Би сакал сега да одиме заедно.

Алберт се ожени со жена што не е Еврејка, по име Анка, од Риека. Ја запознал додека работел таму. Има две деца, Јадранка и Среќко. Алберт се навикна на животот таму и би можело да се каже дека е поголем риечанец од некој што цел живот живее таму. Распадот на Југославија не предизвика никаков проблем во мојата комуникација со брат ми Алберт. И денес одиме таму, без да ни треба посебна виза или нешто слично. Се разбира, ни требаат пасоши бидејќи ја напуштаме нашата држава. Отсекогаш можевме да се посетуваме без никакви проблеми. Тој често доаѓа овде да нè посети. Беше тука и оваа година, па заедно отидовме на одмор во Охрид.

Станав генерал во Југословенската Народна Армија (ЈНА) [види: Југословенска народна армија (ЈНА)] ²⁵, Титовата армија [види: Јосип Броз Тито] ²⁶, во 1960-тите години. Секогаш велам дека, јас всушност бев партизански генерал. Но, го завршив целото потребно школување, бидејќи во спротивно немаше да можам да напредувам. Не е доволно да напредуваш само врз основа на пофалби и споменици, потребно е и знаење. По војната, во една година завршив три години школување и полагав завршен испит. Многу работев, но без образование беше навистина тешко. [Армијата] ми одобри да се школувам. Со одличен успех завршив двегодишна политичка школа на Комунистичката партија „Ѓуро Ѓаковиќ “²⁷ во Белград. Со ова школување и уште неколку испити, можеше да се завршат студиите на Филозофскиот или Економскиот факултет. Не можев да продолжам со студиите бидејќи имав многу работа. Потоа работев една година во Белград и го продолжив школувањето на тамошната воена академија, која ја завршив со многу добар успех. Сето тоа го завршив во периодот од 1950 до 1954 година. Потоа посетував шестмесечен специјалистички курс за усовршување во Генералштабот. Со тоа го завршив школувањето. Ми се чини дека бев еден од поспособните генерали, барем во професионална смисла.

Станав кандидат за генералски чин, а една година подоцна, во 1960 година, бев унапреден. Имаше практичен и теоретски испит. Требаше да напишам труд поврзан со мојата работа, на тема: „Моралното и политичкото образование во Армијата како фактор за борбената готовност “. Требаше да го подготвам трудот, да има 50–60 страници, и да го отчукам на машина за пишување. Добив добра оценка, што значеше дека го положив теоретскиот испит. Потоа ме повикаа во Цавтат, на Јадранското Море. Таму го полагавме практичниот испит во група, заедно со сите кандидати за генерали таа година. Бевме околу петнаесетмина од цела Југославија. Испитот траеше речиси една недела. Таму го положив практичниот испит. Унапредувањата обично се доделуваа на Денот на армијата. За генералите, унапредувањето се вршеше со наредба од Тито, Претседателот на Југославија. Со генералскиот чин добивавме и средства за изработка на нова униформа: една работна и една свечена униформа.

Се пензионирав во 1970-тите, на педесетгодишна возраст, но, всушност, не престанав да работам. На сопствено барање бев ставен на располагање на Армијата. Имав добра причина зошто побарав предвремено да се пензионирам. Основната причина беше тоа што не бев задоволен од самиот себе. За време на војната беше поинаку. Во еден период многу се бараше од мене. Пет години по ред постојано се школував, без прекин. Со школувањето започнав кога веќе имав чин полковник. Требаше да го завршам основното образование, потоа политичката школа, воената академија, практичната школа... Можеби сето тоа имаше некакво влијание, не знам. И денес не можам да си одговорам на тоа прашање. Но, не престанав да работам. Ја прифатив првата функција што ми ја понудија откако бев ставен на располагање на армијата. Бев назначен за прв командант на одбраната на градот Скопје. На таа функција останав десет години, работејќи со полно работно време, само што повеќе не носев униформа. Во униформа се чувствував ограничено, многу ограничено. Не знам зошто. Потоа прифатив да бидам претставник на резервните офицери и на таа функција останав три-четири години. И денес сè уште сум активен. Се дружам со пријателите. Одам во Здружението на борците.

Со Тито се сретнав само еднаш. Веќе бев пензиониран и бев претседател на резервните офицери на Македонија. Како претседател, бев член на Сојузниот комитет на резервните офицери. Мислам дека тоа беше две години пред смртта на Тито. Не можам да се сетам каде се случи средбата со Тито. Можеби беше во Караѓорѓево (140 километри северозападно од Белград). Средбата беше на еден голем имот. Тито срдечно нè пречека, но веќе можеше да се почувствува неговата возраст и сериозноста на болеста. Во тоа време веќе беше опериран. За мене тоа беше посебен настан. Разговарав лично со него. Бевме четворица во делегацијата. Мислам дека присутен беше и неговиот секретар или аѓутант. Разговаравме речиси еден час. Секој имаше можност да каже нешто. Не се сеќавам што кажав јас. Не се сеќавам ни каков впечаток ми остави тој, а кога ќе се земе предвид дека почина две години подоцна, тоа и не е толку важно. Но, сите ние што бевме таму бевме многу возбудени. Тоа беше навистина посебен настан. Пред тоа, присуствував и на прием со него тука, во Скопје и тогаш само се ракував со него. Потоа бев дел од неговата последна поворка. Бев во почесната гарда на неговиот погреб. Бев еден од оние кои го носеа неговиот ковчег на погребот. Во тоа време бев претседател на организацијата на резервните офицери на Македонија. Како претседател, заедно со сите претставници на републиките и претседателот на Сојузниот комитет, го носевме ковчегот. Присуствував на погребот во текот на целата церемонија.

Роза и јас се договоривме дека не сакаме нашите деца да се чувствуваат поразлично од другите. Заради тоа ги држевме настрана од сè она низ што поминаа нашите семејства. Не заради тоа што сакавме да ги криеме нашите корени, туку не сакавме да ги издвојуваме од другите. Сметавме дека треба го живеат својот живот, па кога ќе созреат, сами да одлучат како ќе се носат со тоа.  Им дадовме имињата во знак на сеќавање на нивните корени. Не го криевме тоа од нив. Но, не сакавме од нив да создадеме Евреите со премногу конзервативни сфаќања. Ги запишавме во училишта каде наставата се одвиваше на српско-хрватски јазик. Скопје беше главниот гарнизон на југословенските трупи во јужниот дел на Југославија. Овде доаѓаа офицери од сите делови на Југославија. Во тоа време, службен јазик во армиските служби беше српско-хрватскиот. Можеше да се случи да бидам распореден во некое место во Југославија, на пет години, на две години — не знаев. Ако децата научеа македонски, што ќе се случеше кога ќе заминеа во Ниш или Белград? Така постапивме за да немаат проблеми ако одиме на друго место во Југославија.

Вида е родена во Скопје, а Берта во Ниш. Двете завршија средно училиште во Скопје. Потоа Вида се запиша на електротехничкиот факултет, а подоцна магистрираше. Берта заврши медицина и специјализираше детска хирургија. И денес двете работат во струката. И двете се омажија и имаат по две деца. Децата на Вида се Тања и Јасмина, а на Берта — Бојан и Маја. Бојан заврши електротехнички факултет и сега работи по својата струка во американска компанија, не знам точно која. И Јасмина заврши електротехнички факултет, а потоа специјализираше информатика. Заврши и постдипломски студии, а сега работи во компјутерската компанија на татко ѝ. Тања заврши електротехнички факултет и работи во УСАИД [Агенција на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој] како директорка, на важна позиција. Заврши постдипломски студии, но не ја доби дипломата. Во меѓувреме, стана мајка. 

Мојот син [Исак] беше страствен алпинист, планинар. Беше инструктор по алпинизам. Без никакви проблеми го заврши машинскиот факултет. Но беше со немирен дух, сакаше промени, постојано да се случува нешто. Го пропатува речиси целиот свет — Европа, Африка и Азија. Но, ни тоа не беше доволно. Најпрво замина во Шведска, каде што работеше на некои полиња.  Мислевме дека тргнал за дома кога ни се јави и ни кажа дека е во Африка. Од Африка се јави за да ни каже дека тргнал кон дома. Но, одеднаш, замина во Индија. Од Индија ни се јави и ни кажа дека е во Непал, каде што го истражувал теренот за искачување на Хималаите. Потоа замина на Триглав [60 километри северозападно од Љубљана], бидејќи тоа е погоден терен за алпинизам - подготовка за искачување на Хималаите. Се искачи на врвот и беше многу возбуден. Веќе се одврзал од сигурносниот појас кога се лизнал, паднал и така загина. Имаме прекрасни спомени за него. Беше прекрасна личност.

Никогаш не зажалив што не се качив на бродот за Израел, кој никогаш не пристигна. Тогаш на крај памет не ми паѓаше дека ќе бидам војник. Ми се укажа можност за втор животен тек. Немам причина да не бидам горд што имав можност да учествувам во револуцијата, во антифашистичката борба и да бидам еден од водачите на таа борба во Македонија. Кога станав војник, мислев дека ако достигнам чин водник, ако завршам подофицерско училиште, тоа ќе биде големо достигнување. А јас од војната излегов со чин генерал. Тоа беше едноставно прекрасно! 

Порано секоја година одевме на одмор со семејството. Патувавме со автомобил и уживавме и во хотелите и во природата. Нема место на јадранското крајбрежје каде што не сме биле. Бевме на црногорското приморје. Бевме во близина на Сплит. Неколкупати бевме и на Бриони (острови покрај југозападниот брег на Истра, во Хрватска). Сега одиме во Охрид, или на некои природни извори во Македонија, особено во Струмичката бања (100 километри од Скопје). Но, најчесто одиме во нашата викендичка.

Една од причините поради кои предвреме се пензионирав, односно бев ставен на располагање на армијата, беше тоа што сакав да одам во Израел. Како генерал, не можев да одам. Воениот персонал немаше право да патува во странство без дозвола. Бев таму двапати, но само првото патување беше убаво. Вториот пат кога пристигнавме во Израел, вечеравме сите заедно и бевме многу среќни, а потоа си легнавме. Утрото брат ми доживеа срцев удар, го однесоа во болница и таму почина. Така, наместо да го разгледуваме Израел, го погребавме брат ми. Ете, така ни помина последното патување. Седум дена, колку што траеше престојот, бевме затворени и не видовме ништо од Израел, а потоа си заминавме дома. Алберт не дојде тогаш. Веќе две години го убедувам Алберт дека треба заедно да одиме во Израел, но сè уште не сме отишле.

Роза има патувано малку повеќе од мене. Пред десет, можеби петнаесет години, Роза и јас отидовме во Шпанија. Бевме во некое летувалиште во близина на Барселона. Останавме таму петнаесет дена. Отидовме затоа што цената беше поволна, а и групата беше пријатна. Поголемиот дел од времето патувавме со автобус, а имавме и добар водич од Белград. Ми се допадна. Јас не сум многу по патувањата. Ако сакам некаде да одам, ќе најдам место во Македонија што можам да го посетам. Иако многу го сакам Белград, веќе немам ни желба да одам таму. Не знам зошто. Едноставно, не сум човек што сака да патува. Тешко се решавам да патувам, особено сега кога некој треба да ме вози. Не сакам да патувам со воз. Годините си го прават своето. Роза ми вели дека многу сака да оди на разни места. Но тоа ми е заморно. На оваа возраст веќе не ми е лесно да се приспособувам на некое ново место. Доцна е за приспособување. Сега немаме автомобил, но порано имавме „Стојадин“, што го возев дваесет години. Го купив во Скопје. Прво имавме „Фиќо “. Го заменивме „Фиќото “за „1300“. Сите тие автомобили се произведуваа во Крагуевац, во соработка со италијанскиот „Фиат “. Потоа имавме „Пежо “. Сите беа нови автомобили. А последните дваесет години го имавме „Стојадинот “. Тоа е „Фиат 110“или „Застава 110“.

Сега, кога сум целосно пензиониран, го правам она што го сакам. Одам во викендичката. Кога се пензионирав, добив отпремнина, со која ја купив викендичката. Некои мои пријатели ме убедија да ја купам. Тоа беше добра идеја. Имам слободно време и можам да го практикувам мојот занает. Многу го сакам машинството. Сакам да работам физичка работа. Градежниците ја изградија конструкцијата, а јас направив сè што требаше внатре. И денес сè уште изработувам разни работи таму. Во гаражата имам цела работилница.

Низ годините многу пишував, држев говори и давав изјави. Од фронтот пишував фељтони. Сакам да ги соберам и средам сите тие текстови на едно место. Би сакал од целиот тој материјал да направам книга, да соберам сè на едно место за да не се изгуби. Денес направив план за тоа како би требало да изгледа книгата и каква би била нејзината содржина. Сега веќе не можам да пишувам нови текстови, туку само ќе ги соберам оние што веќе се напишани и ќе ги средам каде што е потребно. Но, тоа не ми е главната преокупација. Главната преокупација ми е тоа што и денес сум активен во Здружението на борците. И Роза и јас сме активни - секој понеделник од 10 до 12 часот одиме во клубот. Таму сите се собираме. Доаѓаат постари луѓе и разменуваме мислења. Разговараме за актуелните настани во светот и во нашата земја, за најразлични работи. Атмосферата е многу динамична. Секогаш се случува нешто ново и секој понеделник имаме многу теми за разговор. За вакви средби човек мора да биде подготвен. Мора да има нешто да каже. Мора да ги следи настаните и да ги чита весниците. На тој начин успеваме да го одржуваме мозокот активен. Ова се опасни години. Човек може да ја изгуби способноста да памети. Бевме на одмор, па два месеца не одевме таму. Сега повторно ќе почнеме. Се грижиме и за нашата физичка кондиција. Одиме на прошетки, особено Роза. Таа е многу подвижна и оди на прошетки секој ден. Јас сум малку мрзлив. Во тек сме со семејните проблеми и успеси на две-три генерации. Ги следиме тие работи, но се обидуваме да не се мешаме премногу. Навистина можат да се забележат разликите меѓу генерациите. Секоја генерација има свои проблеми. Разликите се огромни. И не знам колку е мудро да се мешаме во тие проблеми.

Последната војна во Македонија заврши без никакви потреси. Беше прогласена независноста. Македонија создаде своја армија, со мала помош однадвор. Македонската армија има свои команданти. Јас се борев за Македонија и за Југославија. Но, кога Југославија почна да се распаѓа, како што велат, да пука по шавовите, тогаш беше важно да го зачуваме ова што го имавме, за да не загрозиме никого. Затоа, извесно време, не знам дали сте слушнале за тоа и надвор од Македонија, но ја прогласивме Македонија за оаза на мирот во Југославија. Насекаде се водеа борби, но тука владееше мир. Живеевме во Кралството Југославија, а потоа во Титова Југославија. Но, во текот на целиот тој период живеевме како припадници на македонскиот народ. И за време на Кралството Југославија, и во времето на Југославија, и сега, во независна Македонија. Се чувствуваме како Македонци и Југословени. Сè уште копнееме по Југославија. Но, пред сè, чувствуваме дека припаѓаме тука.

Не ги славиме ниту Божиќ ниту Велигден. Ние сме атеисти. Празниците ги одбележуваме како традиција, а не како верски празници. Тоа се традиции за кои треба да се грижиме и да ги чуваме од заборав.

Се почитувам себеси, а бидејќи се почитувам себеси и сопствените сфаќања, ги почитувам и сфаќањата на другите. Атеист сум уште откако паметам за себе. Не можам да се сменам. Ги почитувам оние што веруваат во ова, или она. Тоа е нивна лична работа и јас го почитувам тоа. Ретко одам во синагога, а можам дури да кажам дека немам ни желба да одам таму. Одам само кога морам. Но, ги почитувам оние што одат и она во што веруваат. [Забелешка на уредникот: Еврејската заедница во Скопје изградила мала молитвена просторија на вториот кат од зградата на својата заедница во 2001 година. Ова е првата синагога во Македонија по војната.]

Поставувањето на камен-темелникот на Музејот беше голем настан, многу важен настан. Тоа беше голем успех на Еврејската заедница во Скопје и на одборот што беше специјално избран за изградба на овој Меморијален центар на холокаустот. [Забелешка на уредникот: Камен-темелникот на Музејот на холокаустот беше поставен во септември 2005 година. Музејот, заедно со придружните канцеларии и деловниот простор, ќе биде изграден со средства што македонската влада ги додели како обесштетување за настаните од Втората светска војна.]

Општо земено, меѓународната перцепција за Евреите по холокаустот и сè што следуваше потоа — особено создавањето на државата Израел, улогата на таа држава и улогата на еврејските организации во светот — е таква што е многу важно, особено за една мала земја како Македонија, која имаше слична судбина, да постои големо разбирање за холокаустот и да се одржуваат добри односи со оние еврејски организации што имаат значајна улога во светот. За Македонија ова е многу важно, бидејќи таа во голема мера зависи од надворешна поддршка. Сè уште се наоѓа во ситуација во која ѝ е потребна помош, особено за развојот и за приклучувањето кон овие меѓународни организации и сојузи — НАТО, Европската Унија и слично. Тоа е многу важно, бидејќи Македонија сама, без помош, нема да опстане.

Се чувствувам како Евреин по потекло. Кога се спроведува попис, се изјаснувам како Македонец со еврејско потекло. Никогаш не сум го криел тоа, а и очигледно е по моето име. Јас не сум Израелец. Не можам да се чувствувам како Израелец. Она низ што минуваат луѓето таму е нивен проблем. Ги следам случувањата и негодувам кога гледам дека се случуваат лоши работи, но тоа го доживувам само посредно. Посредно чувствувам дека таму има нешто што е и мое. Тоа е мое, но многу далечно. Евреите се раселени низ целиот свет и добро е што имаат своја држава. Каква било држава, која треба да се поддржува. Сите наши пријатели и роднини што заминаа во Израел во почетокот беа пионери, вистински борци за државата Израел.

Поимник

1 Еврејска зона на населување (Jewish Pale of Settlement): Одредени губернии во Руската Империја биле определени како области во кои Евреите имале право на постојано живеење. Еврејското население можело да живее само во овие области. Зоната првпат била воспоставена со указ на царицата Катерина II во 1791 година. Оваа регулатива била на сила сè до Руската револуција во 1917 година, иако границите на зоната биле менувани неколкупати. Зоната се протегала од Балтичкото до Црното Море, а таму живееле 94 % од вкупното еврејско население во Русија, односно речиси пет милиони луѓе. Огромното мнозинство Евреи живееле во градовите и штетлите (мали еврејски населби) во рамките на оваа зона. На одредени привилегирани групи Евреи, како што биле некои трговци, дипломирани студенти и занаетчии што работеле во одредени дејности, им било дозволено трајно да живеат надвор од границите на Зоната на населување.

2 Ракија: Силен алкохолен пијалак, карактеристичен за балканскиот регион. Се добива со дестилација на различни видови овошје, како грозје, сливи, кајсии и друго.

3 Прва балканска војна (1912–1913): Војната започнала кога сојузот составен од Бугарија, Грција, Србија и Црна Гора се кренал против Отоманската Империја. Таа била одговор на турската националистичка политика што ја спроведувале Младотурците во Истанбул. Целта на Балканскиот сојуз била ослободување на преостанатите балкански територии што сè уште биле под отоманска власт. Во октомври 1912 година, сојузниците ѝ објавиле војна на Отоманската Империја и набргу постигнале успеси: Турците се повлекле за да го бранат Истанбул, а Албанија, Епир, Македонија и Тракија паднале во рацете на сојузниците. Војната завршила на 30 мај 1913 година со потпишувањето на Лондонскиот мировен договор, со кој најголемиот дел од европските територии на Отоманската Империја им биле отстапени на сојузниците, а била создадена и албанската држава.

4 Втора балканска војна (1913): Победничките земји од Првата балканска војна — Бугарија, Грција и Србија — не успеале по мирен пат да ги решат своите територијални претензии кон новоосвоените делови на Македонија. Србија и Грција склучиле сојуз против Бугарија, а војната започнала на 29 јуни 1913 година со бугарски напад врз српските и грчките трупи во Македонија. Во војната против Бугарија се приклучила и Романија, нејзиниот северен сосед, а Бугарија била поразена. На 10 август 1913 година бил потпишан Букурешкиот мировен договор. Како резултат на тоа, најголемиот дел од Македонија бил поделен меѓу Грција и Србија, додека на Бугарија ѝ припаднал само мал дел — Пиринска Македонија. Романија, исто така, ја добила Јужна Добруџа, територија што претходно ѝ припаѓала на Бугарија

5 Капитулација на Југославија: На 6 април 1941 година, Германија и нејзините сојузници ја нападнале Југославија од сите страни. По помалку од две недели, на 17 април 1941 година, југословенските вооружени сили капитулирале, а државата престанала да постои.

6 Рабин Аврам Романо (1895–1943): Роден е во Сараево. Својата кариера ја започнал во Бијељина, каде што бил на служба од 1919 до 1923 година, а потоа работел во Дубровник, пред година да стане главен рабин на Битола во 1931. Кога пристигнал во Битола, бил вчудовиден од тешката економска и финансиска состојба на една толку голема еврејска заедница. Затоа започнал кампања со цел да ја запознае пошироката југословенска јавност со нејзината состојба. Тој бил и поддржувач на ционистичкото движење и ја користел својата положба за да ги промовира неговите идеи. Бил последниот главен рабин на Битола. Бил убиен во Треблинка. [Извор: Плима и Слом од Жени Лебл]

7 Техелет Лаван во Југославија: Умерено левичарска ционистичка организација. Во Југославија била основана во 1937 година, во Нови Сад (Војводина), каде што отворила канцеларија. Во Битола имала повеќе од 300 членови, главно млади луѓе, од работничката класа.

8 Хашомер Хацаир во Југославија: Левичарска ционистичка младинска организација, основана во 1909 година од припадници на Втората алија, од кои многумина биле активни во револуционерните движења во Руската Империја. Во еврејската дијаспора, нејзината главна цел била да ги подготви младите Евреи за тешкиот пионерски живот во Палестина. Во Југославија првпат била организирана во 1930 година. Во Битола започнала со работа во 1931 година, а до крајот на истата година имала повеќе од 400 членови. Нејзиниот кен (младински клуб) се наоѓал во „Ла Скулѝка де ла Калеза “.

9 СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија): Организацијата била основана во Загреб во 1919 година и била тесно поврзана со Комунистичката партија на Југославија. За време на Втората светска војна, многу нејзини членови биле затворени, додека други им се приклучиле на партизаните на Тито и учествувале во антифашистичкиот отпор.

10 Рабин Шабтај Џаен (1883–1946): Роден е во Плевен, Бугарија, во ционистичко семејство, а рабинските студии ги завршил во Истанбул кај рабинот Аврам Данон. По студиите предавал хебрејски јазик во Ниш, каде што се оженил со Зимбулом Нахмијас, а потоа и во Травник и Белград, пред во 1924 година да ја прифати функцијата рабин во Битола. Тој бил голем поддржувач на Израел и вложувал големи напори да ја поттикне еврејската емиграција во Палестина. За време на својот мандат, собирал и средства во Северна и Јужна Америка за сиромашните Евреи во Битола. Во 1928 година ја напуштил Битола и прифатил рабинска функција во Аргентина. Во 1931 година, сефардската еврејска заедница во Букурешт го повикала да стане нејзин главен рабин. Покрај своите способности како рабин, тој напишал и многу популарни драмски дела на еврејски и библиски теми. На почетокот на Втората светска војна се наоѓал во Романија. Неколкупати бил приведуван, сè додека неговите врски во шпанскиот и италијанскиот конзулат не помогнале да биде ослободен од затвор. Починал во Аргентина. [Извор: Плима и Слом од Жени Лебл]

11 6 април 1941 година: На овој ден, силите на Хитлер, во сојуз со Унгарците, Италијанците и Бугарите, ја нападнале Југославија и Грција. Хитлер интервенирал во војната на овој начин за да го обезбеди своето јужно крило во пресрет на претстојната инвазија на Советскиот Сојуз.

12 Еврејското учество во Народноослободителната војска: До 1941 година, многу Евреи веќе започнале да соработуваат со комунистичките партизани, кои се бореле против окупаторските сили. До 1942 година, 30 Евреи од Битола биле членови на Комунистичката партија, уште 150 се приклучиле на Сојузот на комунистичката младина (СКОЈ), а околу 650 други им помагале на партизаните. Голем дел од нив биле депортирани, но околу 50 преживеале и им се приклучиле на партизаните. [Извор: Марк Коен]

13 Германската окупација на Македонија во Втората светска војна: Германците ја нападнале Југославија на 6 април 1941 година, а една недела подоцна го зазеле Белград. Од бугарската граница навлегле во јужна Србија, а до 7 април стигнале во Скопје и до 9 април во Битола. На 15 април продолжиле кон Грција, оставајќи ги Македонија и делови од јужна Србија (Пирот и Врање) под контрола на нивните бугарски сојузници.

14 Жолта ѕвезда во Бугарија: Според владин декрет, од 24 септември 1942 година, сите Евреи на териториите под бугарска окупација биле принудени да носат жолти ѕвезди, како ознака за нивната припадност. За разлика од земјите окупирани од Германија, во Бугарија ѕвездите биле изработени од жолта пластика, или текстил и биле помали. На доброволците од претходните војни, воените инвалиди, сирачињата и вдовиците на жртвите од војните, како и на оние што биле одликувани со Воениот крст, им било дозволено да носат ѕвезда во форма на копче. Евреите што преминале во христијанството, како и членовите на нивните семејства, биле целосно ослободени од оваа обврска. Дискриминаторските мерки и прогоните завршиле со укинувањето на Законот за заштита на нацијата на 17 август 1944 година.

15 Бугарската окупација на Македонија: Бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна: Во април 1941 година, Бугарија, заедно со Германија, Италија и Унгарија, ја нападнала соседна Југославија. Покрај во Вардарска Македонија, бугарските трупи навлегле и во Северна Егејска Тракија, во северниот дел на Грција. Иако територијалните придобивки првично биле дочекани со голем ентузијазам во Бугарија, набргу се појавиле проблеми на окупираните територии. Репресивната бугарска администрација предизвикала востанија на двете окупирани територии. Евреите биле прогонувани, нивниот имот бил конфискуван, а тие биле принудувани на принудна работа. На почетокот на 1943 година, целото еврејско население на Македонија, кое главно живеело во Битола, Скопје и Штип, било депортирано и затворено во тутунскиот комбинат „Монопол“ во близина на Скопје. На 22 март започнале депортациите кон логорите на смртта во Полска. Од овие транспорти, по војната во Македонија се вратиле само околу 100 лица. Некои македонски Евреи успеале да стигнат до Албанија, која била под италијанска окупација, други им се приклучиле на југословенските партизани, а околу 150–200 Евреи биле спасени од шпанската влада, која им доделила шпанско државјанство.

16 Комунистичка партија на Југославија (КПЈ): За првпат била основана во 1919 година, по создавањето на новата држава — Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, по завршувањето на Првата светска војна. За време на чистките во периодот на кралската диктатура, воведена од кралот Александар I во 1929 година (таканаречената Шестојануарска диктатура, 1929–1934), многу комунисти биле убиени или затворени, а Централниот комитет на КПЈ во 1930 година заминал во егзил во Виена. Во ноември 1943 година, КПЈ ги формирала првите партизански единици и го организирала отпорот во текот на Втората светска војна. Во ноември 1945 година била прогласена комунистичката Федеративна Народна Република Југославија, на чие чело бил Тито. Југославија станала комунистичка диктатура со еднопартиски систем и со репресија врз целата политичка опозиција.

17 Германскиот напад врз Советскиот Сојуз: Хитлер и неговите команданти развивале планови за инвазија на Советскиот Сојуз како дел од нивните редовни воени подготовки. Хитлер ја нарекол операцијата „Барбароса“, во чест на Фридрих I, германскиот владетел од XII век, за кого постоело пророштво дека ќе стане од гробот и повторно ќе ја издигне Германија до статус на светска сила. Наредбите за операцијата биле издадени во јануари 1941 година. Планот предвидувал десетнеделна воена кампања, која требало да започне на 15 мај 1941 година. Но, настаните во светот го измениле планот: Африканскиот корпус се истоварил во Северна Африка во февруари; Југославија, која се сметала за германски сојузник, ја отфрлила понудата за германска помош; а на Италија ѝ била потребна помош за да ја освои Грција. Инвазијата била одложена за пет недели, до 22 јуни. Германската Врховна команда на Источниот фронт собрала најголема војска што дотогаш била организирана за инвазија на Советскиот Сојуз. За нападот биле мобилизирани 148 дивизии. Вкупно 3.050.000 војници, 7.184 артилериски орудија, 3.350 тенкови, 2.770 авиони, 600.000 возила и 625.000 коњи биле распоредени во три големи формации насочени кон Советскиот Сојуз.

Кога утрото на 22 јуни 1941 година започнал артилерискиот напад, единиците на Црвената армија реагирале со задоцнување. Сталин бил парализиран од предавството на Хитлер, кој го прекршил нацистичко-советскиот пакт за ненапаѓање, како и од разорните последици на нападот, и не реагирал навреме на кризата. Германците уништиле советски воени единици и заробиле голем број војници. Додека германските сили напредувале и до триесетина километри дневно, Црвената армија постепено почнала да се реорганизира соочена со непријателот.

18 Интернирање на Евреите во Бугарија: Иако Евреите што живееле во Бугарија не биле депортирани во концентрациони логори во странство или во логори на смртта, многумина биле интернирани на различни места во земјата. Во согласност со Законот за заштита на нацијата, сеопфатниот анти еврејски закон донесен по избувнувањето на Втората светска војна, мажите биле испраќани во баталјони за принудна работа на различни места низ земјата, каде што морале да извршуваат тешки физички работи. Постоеле планови за депортација на бугарските Евреи во нацистичките логори на смртта, но тие не биле спроведени. Подготовки за депортација биле направени на одредени места покрај Дунав, како што се Сомовит и Лом. Всушност, во 1943 година пристаништето во Лом било искористено за депортација на Евреите од Егејска Тракија и Македонија, но Евреите од Бугарија сепак биле поштедени.

19 11 март 1943 година: На овој ден сите Евреи од Македонија биле собрани и одведени во привремен собирен центар во Скопје, сместен во тутунскиот комбинат „Монопол“. Собирањето и депортацијата на Евреите од Битола ги спровел Кирил Стоименов, инспектор во Комесаријатот за еврејски прашања. Во два часот по полноќ градот бил блокиран, во пет часот изутрината распоредениот состав на силите ја известил еврејската популација да се подготви за патување, а во седум часот започнала депортацијата во тутунскиот комбинат „Монопол“ во Скопје.

20 Груев, Дамјан (1871–1906): Револуционер и организатор на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО). Бил еден од организаторите и учесниците во неуспешното Илинденско востание, кое започнало на 2 август 1903 година. Бил убиен при упад на османлиските сили. Еден македонски партизански одред го носел неговото име.

21 Сандански, Јане (1812–1915): Личност од националното револуционерно движење во Пиринска Македонија (денес во Бугарија). Бил првиот претседател на Националната федеративна партија во Турција. Бил убиен од платеници на бугарскиот цар Фердинанд и се смета за македонски национален херој. Еден македонски партизански одред го носел неговото име.

22 Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ): Основана била на 29 ноември 1945 година. Новата држава се состоела од шест народни републики: Србија (вклучувајќи ги двете автономни покраини Војводина и Косово), Хрватска, Словенија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а Тито бил Претседател. Оваа федерација почнала да се распаѓа по смртта на Тито, за конечно да биде уништена во 1991 година, кога Словенија прогласила независност.

23 Тутунскиот комбинат „Монопол“: Комбинатот „Монопол“ се наоѓа на периферијата на Скопје и за време на Втората светска војна бил претворен во гето за македонските Евреи. Во комплексот имало пет четирикатни згради, голем двор и висока ограда. Низ кругот на фабриката минувале железнички шини. Кога Евреите биле доведени во комбинатот на 11 март 1943 година, им бил одземен целиот имот, а во првите пет дена од престојот воопшто не добивале храна. Во просториите во кои биле сместени немало тоалети. Таму останале единаесет дена, пред првиот, од трите транспорта да пренесе 7.148 македонски Евреи со товарни вагони за добиток во Треблинка, Полска. Во оваа акција биле убиени речиси 98 проценти од Евреите во Македонија.

24 Четници: Српско националистичко движење, чие име потекнува од вооружените единици што не биле дел од српската војска, а се бореле против Османлиите за време на српските востанија во почетокот на XIX век. За време на Втората светска војна, по капитулацијата на Кралската југословенска војска во 1941 година, четничкото движење постигнало успеси во борбата против Германците, под водство на Дража (Драгољуб) Михаиловиќ. Четниците најпрво соработувале со партизаните на Тито, но подоцна се свртеле против нив. Велика Британија и Соединетите Американски Држави им давале предност на четниците пред југословенските партизани, но во 1944 година ја смениле својата поддршка, кога сфатиле дека партизаните се поефикасни. По војната, Тито го прогонувал четничкото движење и наредил неговиот водач, Михаиловиќ, да биде погубен во Белград во 1946 година.

25 Југословенска Народна Армија (ЈНА): Формирана од антифашистичките партизански единици за време на Втората светска војна, ЈНА била најсилната армија во комунистичка Источна Европа. Со раководство во кое преовладувале Срби, ЈНА имала клучна улога во одржувањето на српската доминација во Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Од крајот на 1980-тите години, ЈНА активно учествувала во остварувањето на српските експанзионистички стремежи. За време на војните во Хрватска и Босна и Херцеговина, кои траеле од 1991 до 1995 година и претставуваат најкрвавите вооружени конфликти во Европа по Втората светска војна, ЈНА ги застапувала српските национални интереси — обединување на сите српски територии во рамките на Голема Србија — и се борела заедно со српските паравоени вооружени единици. По потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година, ЈНА се повлекла од Хрватска, иако српските паравоени вооружени единици продолжиле со борбите.

26 Јосип Броз Тито (1892–1980): Претседател на комунистичка Југославија од 1953 година до неговата смрт. Во 1937 година ја организирал Комунистичката партија на Југославија, а по 1941 година станал водач на југословенското партизанско движење. Со своите партизани ослободил поголем дел од Југославија, вклучувајќи го и Белград, и остварил територијални придобивки, како што биле Риека и Истра, која претходно биле под италијанска власт. Во март 1945 година станал шеф на новата федерална југословенска влада. Ја национализирал индустријата, но не го вовел колективниот земјоделски систем по советски модел. На политички план, ги угнетувал и погубувал своите политички противници. Иако Југославија била тесно поврзана со СССР, Тито често водел независна политика. Прифаќал западни заеми за стабилизирање на националната економија и постепено ги ублажувал голем дел од строгите контроли на режимот. Како резултат на тоа, Југославија станала најлибералната комунистичка земја во Европа. По смртта на Тито во 1980 година, повторно се појавиле етничките тензии, што довело до насилното распаѓање на федералната држава во текот на 1990-тите години.

27 Ѓаковиќ, Ѓуро (1886–1929): Работел како металски работник во Сараево и уште во 1905–1906 година учествувал во првите работнички штрајкови во Босна. Тоа бил почетокот на неговиот долгогодишен ангажман во комунистичкото движење во Југославија. На Четвртиот конгрес на Комунистичката партија на Југославија, одржан во Дрезден во 1928 година, бил избран за организациски секретар на партијата. Во април 1929 година бил уапсен во Загреб, мачен и одведен на југословенско-австриската граница, каде што бил убиен на 25 април 1929 година. Дваесет години подоцна, на 25 април 1949 година, неговите посмртни останки биле пренесени во паркот Калемегдан, каде што бил подигнат споменик во негова чест. Во Белград било основано училиште за партиски членови, што го носело неговото име.

The Centropa Collection at USHMM

The Centropa archive has been acquired by the United States Holocaust Memorial Museum in Washington, DC. 

USHMM will soon offer a Special Collections page for Centropa.

Academics please note: USHMM can provide you with original language word-for-word transcripts and high resolution photographs. All publications should be credited: "From the Centropa Collection at the United States Memorial Museum in Washington, DC". Please contact collection [at] centropa.org.